Раст на приходите и на добивките. Скоро 68% од компаниите концентрирани во Скопскиот плански регион. Фирми со различни профили и од различни сектори, од административни услуги, преку градежништво и здравство, до угостителски објекти и рударство. Во земјава регистрирани се вкупно 636 компании кои во својата сопственичка структура имаат најмалку еден менаџер-сопственик од соседна Бугарија.

Македонија – атрактивна за бугарскиот капитал!

Освен за францускиот капитал, Македонија се покажува како исклучително поволна дестинација и за капиталот од Бугарија, географски блиска како сосед, но и важна како земја членка на Нато и на Европската Унија. За граѓаните на Македонија, Бугарија е често посетувана туристичка дестинација, но и близок пазар за бизнис релации. Во Македонија, според податоците на „Таргет Груп“ егзистираат 636 бугарски фирми или компании кои во сопственичката структура имаат најмалку еден сопственик од Бугарија. Податоците од билансите за работењето на овие компании покажуваат дека приходите и добивките на годишно ниво се со растечки тренд. Така, во 2017 година вкупните приходи изнесувале 340 милиони евра а за една година се зголемиле за 12,3 милиони евра.

Освен приходите, фирмите со бугарски капитал и сопствеништво прикажале и раст на добивката која од 16,6 милиони евра во 2017 година се зголемила на 17,8 милиони евра во 2018 година. Конкретно, приходите на годишно ниво се зголемиле за 3,63% а добивката пораснала со поголемо темпо, за 7,24%.

Анализата на остварените добивки по сектори покажува дека најпрофитабилните бугарски бизниси во земјава се во рударството и трговијата на големо и мало со сегментот на поправка на моторни возила. Според дејноста, најголем годишен профит од 6,4 милиони евра испорачале фирмите од трговија на големо и трговија на мало заедно со дејноста поправка на моторни возила и мотоцикли, на второ место со добивка од 6,3 милиони евра е секторот рударство и вадење камен а на трето место со добивка од 3,2 милиони евра е дејноста на преработувачката индустрија.

Профит повисок од 200 000 евра на годишно ниво прикажеле бугарските фирми од секторите градежништво, енергетика, финансии и стручни и научни дејности додека најмала добивка оствариле фирмите кои се занимаваат со административни и помошни дејности.

Но, не во сите примери компаниите со најголеми годишни приходи прикажале и најголеми добивки. Според остварените приходи на годишно ниво, на прво место останува секторот на трговија со приход од 158 милиони евра, следува дејноста “снабдување со електрична енергија“ со приход од 96,2 милиони евра а на трето место е преработувачката индустрија со прикажан приход од 37,3 милиони евра.

Скопскиот и Источниот регион “мека“ за бугарскиот капитал

Компаниите кои во своето сопствеништво имаат бугарски капитал се застапени во сите плански региони во земјава. Според податоците на “Таргет Груп“ бугарските фирми доминираат во Скопскиот регион каде се лоцирани 68% од овие фирми. Конкретно во Скопскиот регион има 430 бугарски фирми, следува Источниот регион кој опфаќа општини кои граничат со соседна Бугарија и таму се позиционирани 56 фирми а на трето место е Југоисточниот регион, исто така географски близок до бугарската граница, со 46 компании. Во Североисточниот регион има 40 бугарски фирми, во Вардарскиот 25, во Пелагонискиот 17, во Полошкиот регион работат 11 а во Југозападниот плански регион има 9 компании кои имаат сопственици од Бугарија.

Според бројот на вработени што ги апсорбираат фирмите со бугарско сопствеништво предничи Источниот регион каде е генерирана и најголемата добивка од вкупниот износ на добивка што го испорачале сите бугарски фирми во земјава.

Во следниот текст “Тагет Груп“ ќе ги рангира водечките десeт компании кои имаат бугарско сопствеништво со објавување на податоците за нивното финансиско работење, број на вработени, приходи и профити.

Анализа на податоци: Таргет Груп

Новинарска обработка: А.Д

Графичка обработка: Виктор Ѓуровски

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде