Онлајн медиумите во последните неколку години се во експанзија, а доминираат околу 38 портали, кои се борат за поголем пазарен колач. Овој бизнис станува атрактивен, иако не може да се спореди со приходите што ги имаат останатите традиционални медиуми.

Бизнисот на македонските интернет портали донел приходи од околу три милиони евра. Онлајн медиумите во последните неколку години се во експанзија, а доминираат околу 38 портали, кои се борат за поголем пазарен колач. Бројките покажуваат дека има пораст во работењето од околу седум проценти на годишно ниво, со остварени околу 198,5 милиони денари, што е потврда дека успеале да обезбедат поголема продажба на својот медиумски простор. Овој бизнис станува атрактивен, иако не може да се спореди со приходите што ги имаат останатите традиционални медиуми. Дали атрактивноста може да се бара во релативно едноставниот начин на работа како дејност, лесниот начин на доаѓање до финансии преку продажба на својот рекламен простор или фактот што оваа дејност не е доволно регулирана, со што може да се работи покомотно. Интернет порталите во најголем дел обезбедуваат приходи од реклами и од грантови преку невладиниот сектор. Најголем дел од нив се трговски друштва, кои работат само како портали или порталот е дополнување на главната дејност за која се регистрирани како фирми, а дел од порталите се основани од невладини организации. Останатите портали кои се појавуваат во онлајн просторот се на останатите традиционални медиуми, телевизија, весници и радио.

Поголем дел од порталите со пораст на приходите

Финансиските податоци на интернет порталите покажуваат дека минатата година кај најголем дел од нив пораснале вкупните приходи. Најголем пораст се забележува кај „Клип медиа груп“ каде има повеќе портали, а меѓу нив grid.mk, reporter.mk, makedonika.mk. и др. Групацијата ги зголемила приходите во 2018 година на 42.807.063 денари, од 13.679.480 денари во 2017 година. Од фирмите кои се регистрирани за портали, „Ем медиа“ , со порталите kurir.mk и vistina.mk, бележи поголем пораст на годишните приходи, од 8.359.169 денари во 2017 година на 23.947.282 денари во 2018 година. „Фактор портал“ остварил солиден пораст на приходите, од 8.438.858 денари во 2017 година, на 11.967.401 денари, минатата година.

Пораст на вкупните приходи остварил и порталот maktel.mk, од 563.450 денари во 2017 на 1.022.061 денари минатата година. Порталот 365.com.mk се вбројува во оние со пораст на приходите од работењето, со остварени 2.980.144 денари во 2018, што е повеќе од 2.588.542 во 2017 година. Пораст на приходите има и tocka.mk, од 8.195.382 во 2017 на 8.447.140 во 2018 година. Исто така, пораст на приходите има crnobelo.com од 5.580.861денари во 2017 на 5.776.310 денари во 2018 година. Denar.mk остварил вкупни приходи од 1.036.221 денари во 2017 на 1.161.436 денари во 2018 година. A1on.mk бележи пораст на приходите, од 1.773.011 денари во 2017 година на 2.435.456 денари во 2018 година. Значителен раст на вкупните приходи остварил порталот glamur.mk, од 947.756 денари во 2017 година на 1.580.071 денари во 2018 година. Поголеми приходи од работењето остварил и порталот Infomax.mk, во 2017 година од 583.604 денари, а минатата година приходите пораснале на 988.534 денари.

Минатата година, вкупните приходи на останатите актуелни портали изнесуваат: netpress.com.mk со 7.229.869 денари, opserver.mk со 45.775 денари, Friday.mk со 332.815 денари, 24info.mk со 147.000 денари, biznisregulativa.mk со 28.751.157 денари.

Доколку сакате да дознаете што ќе се случува со огласувачкиот пазар на интернет порталите кликнете овде.

Намалени приходи кај дел од порталите

Под притисок на силната конкуренција, еден дел од порталите ги намалиле приходите од работењето.Од нив, kajgana.com од 12. 514.099 денари во 2017 на 11.663.296 денари во 2018 година. Помали приходи има и mkd.mk, од 9.990.964 денари во 2017, на 8.727.848 денари во 2018 година. Off.net.mk бележи пад на приходите, од 10.709.421 денари во 2017 на 8.932.023 денари во 2018 година. Mia.mk има голем пад на приходите, како државна агенција, од 98.130.246 денари во 2017 на 55.384.212 денари во 2018. Помеѓу порталите кои имаат пад на приходите е motika.mk, од 3.967.070 денари во 2017 на 3.843.601 денари во 2018. Makfax.com.mk бележи пад на приходите, од 11.326.070 денари во 2017, на 4.393.663 денари во 2018 година. Ringeraja.mk од 2.872.614 на 2.634.238 денари. Biznisvesti.mk бележи пад на приходите од 2.677.395 на 1.888.431 денари во 2018 година.

Големи разлики во приходите со другите медиуми

Порталите не можат да се доближат со остварените приходи на традиционалните медиуми. Споредбените податоци покажуваат дека телевизиите остваруваат многу поголеми приходи од продажба на својот медиумски простор.

Телевизија „Сител“, на пример, минатата година успеала да продаде рекламен простор и да оствари приходи од 432.447.868 денари, кои иако бележат пад, сепак се високи во споредба со тие на порталите. „Канал 5“ остварила приходи од 185.125.992 денари, кои и со падот, сепак се неспоредливо високи, со приходите на порталите. Пораст на годишните приходи бележи и „24Вести“, а минатата година, приходите на штипската телевизија достигнале 88.984.418 денари.

Високи приходи остваруваат и дел од печатените медиуми, кои имаат и свои интернет изданија, како резултат на промената на трендовите, а во насока на привлекување поголем број читатели. „Слободен печат“ минатата година остварил вкупни приходи од 160.878.019 денари и тие бележат пораст. „Нова Македонија„ бележи пораст на приходите на 70.767.146 денари, а „Независен весник“ на 6.891.307 денари. Подобри резултати од работењето има и кај неделникот „Фокус“, а вкупните приходи минатата година достигнале  28.594.740 денари.

Интернет медиумите во иднина ќе се развиваат со забрзано темпо, но тие се уште ќе треба да се борат на медиумскиот пазар, за да може да се приближат до останатите традиционални медиуми.Може да се забележи дека, иако интернет медиумите го заземаат приматот пред традиционалните медиуми, од аспект на интересот на читателската публика, сепак нивниот бизнис и економската одржливост се далеку послаби, споредена со добро позиционираните традиционални медиуми.

Во соработка со Таргет Груп, Бизнис Мрежа.

Новинар, Марија Георгиевска.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


1 коментар

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде