Во земјава има вкупно 8.221 компанија без вработени, туку само со управител. Од нив, 442 лани направиле обрт поголем од еден милион денари. Анализата на Таргет Груп што ги опфаќа компаниите со нула вработени над оваа граница на приходи, покажува дека овие човек – фирми лани заедно свртеле 198,6 милиони евра, а од нив 15% им останале како профит, односно имаат добивка од 30,2 милиони евра.

Без ниту еден вработен, само со управител, вкупно 442 таканречени човек – фирми во земјава лани направиле приходи од 198,6 милиони евра што на пример речиси еднакво на приходите на фабриката за производство на автомобилски делови Кромберг и Шуберт со 6.437 работници, или пак на белгиската компанија за производство на автобуси Ван Хоол, со 1.030 вработени.

Газдите на овие компании без вработени, пак, добиле добивка од 30,2 милиони евра.

Читајќи ги овие податоци, логично се поставува прашањето како се прават пари без работници?!

Иако на прв поглед можеби изгледа чудно, но законите кај нас не ограничуваат колку вработени треба да има во фирмите, односно не постои законска регулатива која ги обврзува компаниите да имаат најмалку еден вработен.

Од правен аспект, законите дозволуваат да се основаат фирми и притоа да немаат вработени, меѓутоа мора да има управител, којшто може да биде ангажиран со менаџерски договор, а не според Законот за работни односи.

Не е невообичаено фирми без вработени да вртат милиони евра, особено ако станува збор за фирми – ќерки на некои поголеми корпорации, односно се поврзани сопственички со други компании каде што има вработени, но токму поради тоа ваквите човек – фирми почесто се на мета на даночните инспектори.

Ако се анализираат секторите во кои се прават најмногу пари без вработени, тогаш вкупните приходи се најголеми кај компаниите што се занимаваат со трговија на електрична енергија. Вакви има девет компании, коишто заедно свртеле 81,4 милиони евра. Потоа следува секторот изградба на станбени и нестанбени згради каде што се регистрирани 36 компании со нула вработени, а заедно лани имаат приходи од 14,1 милиони евра; во дејноста неспецијализирана трговија на големо има 32 вакви компании со вкупни приходи од 9,1 милиони евра; потоа компаниите за издавање на недвижен имот и тоа 23 со вкупни приходи од 4,6 милиони евра; и инженерство и техничко советување, дејност со која се занимаваат 13 фирми без вработени, а имаат приходи нешто повеќе од 3 милиони евра.

Профитите исто така се концентрирани во овие неколку дејности на работење. Па така, најпрофитабилни се компаниите што се занимаваат со неспецијализирана трговија на големо со вкупна добивка од 3,9 милиони евра; па потоа следува изградба на станбени и нестанбени згради со профит од 2,3 милиони евра; агенции за маркетинг со добивка од околу 650 илјади евра; околу 570 илјади евра профит во дејноста производство на струја; и околу 530 илјади евра е вкупната добивка во секторот издавање и управување со недвижен имот.

На мапата на земјата, најголем дел од фирмите се лоцирани во Скопје, дури 322. Аналогно, ваквите компании во Скопје прават и најмногу пари и тоа над 90% од вкупните приходи. Потоа следуваат Штип, Струмица, Битола и Гевгелија.

Доколку сакате да дознаете кои се најбрзорастечките фирми во Македонија пристиснете овде

Интересно е што најголем дел од овие фирми без вработени се млади компании, и тоа 48 формирани лани, а тие имаат и најголем удел во вкупните приходи. Најпрофитабилни во 2018 година, пак, произлегува дека се компаниите основани во 2013 година.

ТОП 10 најголеми и најпрофитабилни со нула вработени

Најголема компанија без вработени, со обрт од 35,3 милиони евра лани е АЛПИК ЕНЕРГИЈА од Скопје, а приходите на оваа фирма доаѓаат од трговија на електрична енергија. Меѓутоа, добивката на компанијата е само скромни 0,08% од приходите, односно изнесува околу 27 илјади евра.

Втора по големина е консултантската компанија КАМЕНИМОСТ КОМУНИКАЦИИ, која што лани има приходи од 14,6 милиони евра. Но оваа компанија е всушност најпрофитабилна, со добивка скоро еднаква на приходите, речиси 14,6 милиони евра.

Оваа компанија за консултантски услуги е формирана во 2000 година за да ги хармонизира интересите на различните акционери во Македонски Телеком во тоа време, Маѓар Телеком, американскиот фонд Сорос Инвестмент на милијардерот Џорџ Сорос и грчки Космотелко, кои заедно поседуваа 51% од акциите во Македонски Телеком. По извесен период, Маѓар Телеком стана единствен акционер, односно сопственик на Камени Мост Комуникации но оваа консултантска компанија иако влезе во фаза на ликвидација, со години потоа постојано котира на врвот меѓу најголемите и најпрофитабилните.

На ранг листата 10 најголеми човек – фирми, шест се за трговија на електрична енергија. Па така, освен најголемата АЛПИК ЕНЕРГИЈА, рангирани се и компаниите ХСЕ МАК ЕНЕРЏИ од Скопје; ПЕТРОЛ ЕНЕРГЕТИКА Скопје; ЕНСКО Трејдинг Скопје, ЕНЕРЏИ СУПЛАЈ – М од Скопје; и ЕЗПАДА Скопје.

Од останатите сектори, меѓу најголемите котираат и една компанија за трговија со метали и метални руди МАГНУМ ГЛОБАЛ ЛИМИТЕД; компанијата за производство на радијатори и котли за централно греење НАУМ НАУМОВСКИ БОРЧЕ; и компанијата за изградба на станбени и нестанебни згради ШЕНЦИЈА од Скопје.

Инаку најголемите 10 компании прават дури 57% од обртот на сите 442 компании заедно.

Меѓу најпрофитабилните, освен КАМЕНИМОСТ КОМУНИКАЦИИ, рангирани се БЛЕК СИ МЕТАЛ ТРЕЈДИНГ од Скопје; подружницата на словенечката компанија РИКО за трговија со делови за моторни возила; компаниите за изградба на станбени и нестанбени згради ОРМАНЧЕ од Скопје и ТОП ИНВЕСТ од Штип; потоа маркетинг агенцијата МАГНА ЕУРОПЕ; компанијата за техничко испитување ХЕМИСКИ ИНЖЕНЕРИНГ; финансиското друштво КРЕДИСИМО; компанијата од областа на хотелиерството СОЛУН И ИВАН; и компанијата за истражувања МЕДО – МАК.

Добивката на десетте најпрофитабилни без вработени заедно изнесува 22,8 милиони евра.

ТОП 10 најпрофитабилни компании со нула вработени

НазивДобивка за финансиска година (денари)
КАМЕНИМОСТ КОМУНИКАЦИИ АД 897,100,117
БЛЕК СИ МЕТАЛ ТРЕЈДИНГ ДООЕЛ 222,355,427
РИКО ИНЖЕНЕРИНГ 73,311,964
ОРМАНЧЕ ДООЕЛ 44,231,436
ТОП ИНВЕСТ ДОО 43,338,443
МАГНА ЕУРОПЕ ДООЕЛ 33,722,972
ХЕМИСКИ ИНЖЕНЕРИНГ ДОО26,897,718
КРЕДИСИМО ДООЕЛ21,775,022
СОЛУН И ИВАН ДООЕЛ21,430,845
МЕДО - МАК ДОО18,358,016
Вкупно 1,402,521,960

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде