Во практиката и секојдневното работење на компаниите најчесто не се прави разлика меѓу реклама и економско-пропагандните пораки (ЕПП) затоа што тие имаат иста цел, па со самото тоа и луѓето сметаат дека имаат идентично значење. Но, дали навистина постои разлика помеѓу овие два поими и во што се состои таа разлика?

Поистоветувањето на рекламата со економско-пропагандната порака се смета дека настанува од тоа што почетоците на економската пропаганда произлегле од рекламата. Но, сепак, иако слични, рекламата и економско-пропагандните пораки имаат значајни суштински разлики и за да се направи разлика меѓу поимите и за да може тие да се разберат, потребно е да се дефинираат.

Економско-пропагандната порака е порака со која со видливи, чујни или со комбинација од видливи и чујни средства се влијае врз унапредувањето и зголемувањето на продажбата на одреден производ или услуга при што се користат вистински аргументи со кои им се помага на потрошувачите слободно да направат избор во врска со тоа што им е потребно и сакаат да го купат.

Терминот реклама, пак, се дефинира како порака која им се испраќа на потрошувачите со која се настојува на тоа да се натераат потрошувачите на купување одреден производ или услуга. Со рекламата не се изнесуваат аргументи, туку се настојува слепо да се верува во зборовите на рекламата кои најчесто се избрани така што го поттикнуваат интересот на потрошувачот (на пример, прекрасен, извонреден, најдобар, совршен).

И рекламата и економско-пропагандната порака (ЕПП) имаат иста цел – да пренесат одредена порака кон потрошувачите и со тоа да влијаат врз нивниот избор за одреден производ или услуга, но во основата на нивното разликување е потрошувачот и неговото реагирање на нив.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде