Иако голем број на компании работат во посочениот сегмент, анализирајќи ја структурата на производи забележливо е дека мал број на дистрибутери носат голем број од производите кои се позиционирани во маркетите. Сепак приходот на најголемите дистрибутери не може да се спореди со приходите на ланците на маркети, што посочува дека дејствуваат голем број на помали дистрибутивни компании.

Вкупниот приход кој 13-те анализирани дистрибутери го имаат остварено е 262.81 милиони во 2017 и 282.85 милиони во 2018-та година со просечен раст од 7.6%. Компаниите како Витаминка, Макпрогрес, Пекабеско и слични на нив, не се вклучени во дистрибутери туку во производители, иако самостојно ја обавуваат истата активност (погледај анализа на производители) или пак вршат дистрибуција на асортиман кој не го произведуваат како во случајот на Пекабеско.

Од дистрибутерите, Нелт-СТ, Гемак, Атлантик Трејд, Орбико, АВТ Интернационал, Адријус, Алма-М, Колид Фудс, Колид С Тим, Слога и Метро АД остваруваат најголем процент од вкупната дистрибуција од кои сите бележат приходи кои надминуваат 10 милиони евра во 2018-та година.

Најголемите 5 дистрибутери имаат проектиран приход од 163.2 милиони евра во 2018, или раст од 5.3% во однос на претходната 2017-та година. Како и претходно напоменато, споредбено со ланците на маркети (во 2018 – та 8 национални ланци оствариле 571 милион евра), забележлив е помал обем и раст на продажбата, што укажува дека во секторот дејствуваат голем број на мали дистрибутери кои ја надополнуваат продажбата и бројот на позиционирани производи. Се разбира “тврдите дисконти” и самостојно извршуваат увоз и дистрибуција на поголемиот асортиман позициониран во нивните Маркети (комбинирано Стокомак, Кам Маркет и Киппер остваруваат повеќе од 210 милиони), што солидно влијае на вкупниот приход на дистрибутерите.

Позитивно е што најголемиот дел од поголемите дистрибутери, имаат раст на приходите во 2018 во однос на претходната година, што е позитивно, додека стапката на раст од 5.3% која е пониска во однос на ланците на маркети, посочува дека може да се очекува повисок раст оваа година кај сите дистрибутери.

Во синџирот на снабдување, дистрибутивните компании имаат прилично висок притисок, поради тоа што ланците на маркети и поголемите производители се обидуваат да ги заменат со сопствена дистрибуција, а со тоа да ја преземат дистрибутерската маржа.

Доколку сакате да дознаете каде повеќе се пазарува, во класични маркети или во хард дисконти? кликнете тука.

Токму поради тој притисок, очекувано е во следните неколку години дистрибутерите да креираат сопствена малопродажна мрежа, со што би ги “прескокнале” малопродажните ланци и директно би продавале на крајните потрошувачи, која што активност се очекува да започне по 2021.

Кај компаниите и покрај тоа што има раст на приходите, повторно со исклучок на Нелт СТ, и покрај растот на продажбата значајно е намален профитот кај компаниите. Се разбира, од основните индикатори не може да се дефинира причината за падот на профитот, бидејќи со сигурност дел од компаниите имаат преземено инвестициски активности кои ги финансирале од сопствени средства, а со тоа влијаеле на финалниот резултат.

Токму поради понискиот финансиски резултат, агенцијата Инсајдер ИД проектира креирање на нова малопродажна мрежа од самите дистрибутери користејќи го интернет каналот која ќе ги прескокне веќе етаблираните ланци на маркети, со што малопродажната маржа би се намалила и крајните потрошувачи би биле во можност да добијат исти производи по солидно пониска цена.

Еден од индикаторите за проширување на активностите е растот на бројот на вработени, кои компаниите го имале во 2018-та година. Вкупно 13-те обработени дистрибутери имале 1,575 вработени во 2017-та и 1,724 вработени во 2018-та година со раст од 9.5%. Поголем дел од растот го остваруваат Орбико и Колид С Тим.

Позитивно е што приближно сите компании имаат раст на бројот на вработени во споредбените години. Единствено ЏС Актуел има еднаков број и Колид Фудс има во апсолутна големина 2ца помалку вработени во 2018 споредбено со 2017-та. Најголем раст на вработените има во Орбико каде од 79 вработени во 2017-та се зголемиле на 138 во 2018-та година и Колид С Тим од 147 на 185 вработени.

Всушност кон намалувањето на нето-добивката може да има влијание зголемувањето на работната сила, бидејќи очигледно компаниите се обидуваат преку зголемувањето на кадарот да го зголемат и целокупниот приход и да остварат конкурентска предност, дури и по цена на краток рок да имаат пониска добивка.

Од разговори со компаниите, вклучувајќи ги и дистрибутерите најсериозен проблем со кој ќе се соочи целата индустрија за широка потрошувачка (и секоја друга) е недостатокот на квалификуван кадар. Поради тоа и во иднина може да се очекува вработување на кадар во компаниите кој на краток рок би остварил добивка на компанијата, но на долг истиот би бил конкурентска предност.

Во соработка со Таргет Груп, Бизнис Мрежа и Инсајдер ИД.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде