Во неодамнешното истражување на Таргет Груп објавено на Аналатитика мк. за 100 најдобри компании според добивка на прво место се најде ТЕ-ТО А.Д.  со вкупна добивка од 7,954,637,200 денари. Во првите  10 компании се најдоа  и Џонсон Мети ДООЕЛ на второ место, Рудник САСА ДООЕЛ на трето и останатите последователно: Македонски Телеком, Синохридо Корпорејшн Лимитед, Мермерен комбинат А.Д., Бучим ДОО,  ЕВН Македонија АД, Цементарница Усје АД и Пивара А.Д.

Анализата на овие десет компании води кон некои интересни факти кои за некого се очекувани, но за многумина се изненадување.

  •  Сите први десет компании помалку или повеќе се поврзани со странски капитал. Некои од нив се со одреден процент  странски капитал од самото основање,некои целосно се откупени од странски компании пред неколку години, додека некои се претставништва на странски компании. Компанијата ТЕ-ТО АД е основано од 2005 од странски и домашни инвеститори, Џонсон Мети е странска инвестиција со целосно странски капитал, Рудникот САСА од 2017 е во целосна сопственост на CAML Group од Лондон, додека рудникот Бучим од 2005 е дел од Солвеј Инвестмент групација од Швајцарија, Синохридо Корпорејшн лимитед е подружница на Синохидро Корпорејшн лимитед од  Пекинг, Мермерен комбинат А.Д е сопственост на Павлидис Марбл Гранит од Драма, Грција, ЕВН АД е дел од групацијата ЕВН АГ од Австрија, Македонски телеком е дел од групацијата Дојче Телеком од Германија, Цементарница УСЈЕ АД е од групацијата Титан Груп од Грција и Пивара Скопје А.Д. е заедничко вложување на Кока Кола ХБК од Швајцарија и Хаинекен Н.В. Холдинг од Германија. Која е причината за ваквата состојба и каде одат високите профити од овие компании ќе анализираме во некој од следните текстови.
  • Само една компанија е од областа на услуги во приватна сопственост. Се работи за компанијата Македонски телеком, која е лидер во телекомуникацискиот пазар во Македонија. Интересен е фактот што вообичаено во светот услугите носат огромни профити, но на листата направена од Таргет груп за Македонија компаниите со услуги се на подолни места од листата како телекомуникацискиот оператор А1 ДООЕЛ на шеснаесетто место, компанијата Супорт&Солушнс Центар која врши обработка на податоци на осумнаесетто место, хостирање и слични дејности и како можеби најголемо изненадување дваесет и четвртото место на ТАВ Македонија од Секторот на услужни дејности од воздухопловниот превоз и.т.н.
  • Ниту една фармацевтска компанија не е во првите десет. За многумина изненадување, имајќи во предвид дека во светот има тренд на големи приходи и профити на фармацевтски компании и високо котирање на вакви листи. На листата направена од Таргет очекувано највисоко од фармацевтските компании котира Алкалоид на дванаесеттото место.
  • Компаниите од бизнисот со нафта не влегоа на листата на првите 10. Неочекувано, имајќи ја во претходно објавената листа на најголемите 100 по приходи во Макеодонија за кои можете да прочитате овде. Од таа листа се гледа дека две компании од бизнисот со нафтени деривати Окта и Макпетрол се  во првите пет најголеми компании во земјата и уште неколку во првите 100 како Лукоил, Пуцко Петрол и др. Сепак, ако се земе во предвид дека и на листата на најпрофитни компании Макпетрол се наоѓа на високото тринаесетто место и има уште неколку компании од овој бизнис на листата, а од друга страна се додаде фактот за тенденција на раст на цените на нафтата, нема да биде изненадување ако наредната година влезе уште некоја компанија од овој бизнис на листата во први десет.
  • Природните ресурси на земјата се извор на профит за три компании од првите десет. За рудниците Бучим и Саса, Мермерен комбинат АД и ЕВН индиректно преку електричната енергија добиена од струја, вода и ветер природните ресурси на нашата земја се извор на големи профити. Со правилно инвестирање, како и користење на мерките за субвенционирање за фирмите кои ќе изградат фотоволтаици или соларни централи се очекува зголемување на профитите на фирмите кои се занимаваат со производство на струја и нивно влегување во топ 10 најдобри компании по профит.
10 Најдобри 10 Најголеми
Те-То АД Џонсон Мети ДООЕЛ
Џонсон Мети ДООЕЛ Окта АД
Рудник САСА ДООЕЛ ЕВН Македонија
Македонски телеком АД Макпетрол  АД
Синохидро корпорејшн Лимитед Кромберг&Шуберт
Мермерен комбинат АД ТЕ-ТО АД
Бучим ДОО ВАН ХООЛ АД
ЕВН Македонија АД Македонски телеком АД
Цементарница УСЈЕ АД ГЕН-И  
Пивара АД Електродистрибуција  ДООЕЛ

Причини за тоа што некои компании што се на листа на најголеми по приходи, но не и на листата по добивка или ако се на двете листи а имаат различна позиционираност можат да бидат самите трошоци кои многу влијаат на вкупната добивка како и умешното сметководственото прикажување на билансот на успех. А, за тоа на што се должи успешноста на компаниите од листите ќе анализираме во наредниот период.

Име на компанија Добивка
Те-То АД 7,954,637,200
Џонсон Мети ДООЕЛ 6,013,109,970
Рудник САСА ДООЕЛ 2,893,386,341 
Македонски телеком АД 1,596,062,214 
Синохидро корпорејшн Лимитед 1,404,094,355  
Мермерен комбинат АД 1,403,557,613 
Бучим ДОО 1,071,630,932  
ЕВН Македонија АД 1,055,549,929
Цементарница УСЈЕ АД 1,048,549,935 
Пивара АД 961,859,498  

Марта Куковска

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде