Колку често помеѓу бизнисите и претприемачите се кажува изреката “кога ќе видат некој успешен бизнис сите го копираат”? Колку често еден успешен пример, привлекува голем број на “копирачи”, креира тренд кој брзо ја достигнува кулминацијата и предизвикува пропаѓање на сите? Одговорот е прилично секогаш, но интензитетот на копирање и број на компании кои би се впуштиле во “авантура” на копирање варира во зависност од неколку работи поврзани со самиот бизнис и најважно од се е колкав временски период се очекува трендот да постои и колку овозможува долгорочен развој на бизнисот. Моментално ќе се обработат “брзите трендови” кои во краток временски интервал се појавуваат, екстремно брзо се сатурираат и исто толку брзо и паѓаат.

Еден прилично едноставен пример од секојдневното окружување во Македонија е концептот “Скара на кило”. Бизнис моделот е поставен на тоа дека вие купувате скара под продажно место, кое што месо го продава по цена од маркет, но наместо сами да го подготвувате истото е веќе готово за јадење. Малопродажната локација заработува од купување на месо по повластена цена од месарите и додава мала маржа. Во главниот град, како пример доколку во Јануари постоело едно продажно место, во Декември имало повеќе од 500. Клиентите (ограничениот пазар) кои до определен период можеле да изберат помеѓу неколку продажни локации, сега можеле да застанат на било која локација и да го извршат пазарењето на “скара на кило” по прилично идентични услови како секаде.

Со тоа се “разводнува” продажбата, профитот по единица продажна локација значајно се намалува, што во случајот со “Скара на кило” придонесе за пропаѓање на приближно сите компании. Се разбира, мал процент од пазарниот сегмент “преживува”, но или го менува својот бизнис модел (зголемува цени, дополнува производи) или пак ја променува природата на самиот бизнис.

Всушност прилично се што станува брз тренд, ја има истата судбина како и во случајот “Скара на кило”. Која е причината за истото? Со што се одликуваат посочените бизнис трендови?

Во иницијалниот период, се до појавување на првиот конкурент, заработката е поголема поради тоа што целиот пазар е концентриран на мал број продажни локации, а висината на заработката и најчесто ниската инвестиција ги привлекува сите што располагаат со слободен капитал.

Во подоцнежната фаза бизнис моделот е многу едноставен, висок обрт, мала заработка, профитабилност само при економија од обем, ниски бариери за влез на пазарот и ограничен пазар. Сите индивидуи, особено тие со определена големина на слободен капитал, имаат желба за брз обрт со голема заработка на парите. Проблемот е што сопствениот бизнис го разгледуваат индивидуално, а не во поширокиот пазарен сегмент каде ќе би се изработила детална анализа на понудата и побарувачката.

Сличен тренд денес може да се забележи во услужните сектори, особено во маркетинг, дигитални ИКТ индустрии, консалтинг и во последниот период сериозно изразено неформално образование. Всушност тоа се индустриски сегменти кои се перципирани како ниски инвестиии со висока додадена вредност, а со тоа и висока заработка и поврат на средствата во краток временски рок. На тоа додадено и премногу ниската иницијална инвестиција, екстремно ниска бариера за влез која за определени дејности и е приближна на нула, за компаниите или претприемачите кои нема да направат соодветна анализа претставува добра можност за “брзи пари”.

Сепак, праксата во целост го демантира претходно посоченото. Така примамливиот бизнис модел, најчесто привлекува голем број на компании и индивидуи кои само имаат желба брзо да земаш што поголем пазарен удел, само “додека трае еуфоријата”.

Доколку се забележи тренд кој брзо расте, за кој не е потребна голема иницијална инвестиција, стандардизирани производи и не се зависни од некој посебен “know-how” советот е воопшто да не се влегува во посочениот бизнис, бидејќи во таквите пазарни сегменти најчесто и падот е исто толку брз како и самиот раст. Привлекувањето на голем учесници како во понудата така и во побарувачката, придонесува за брза сатурација на пазарот, со што компаниите најчесто ги немаат оптимизирано интерните процеси да работат во ситуација на намалени маржи и пониски трошоци, кои што на почетокот при основањето воопшто не постоеле. Во реалноста ваквите пазарни сегменти би можеле да се наречат според терминологијата на теоријата на игри “zero-sum games” каде што на крајот апсолутно никоја од вклучените компании ништо не добива, туку сите губат.

Вториот пример кој е соодветен за обработка е сегментот на “Неформално образование” кое значајно добива на интерес во последните 1-2 години. Најчесто ниска инвестиција во простории приспособени за извршување на предавање, техничка опрема, мал број на вработени и бизнис модел во кој како единствена конкурентска предност се предавачите кои повторно се плаќаат по договор (без фиксна обврска за плаќање). Најголемата инвестиција е всушност во сериозен маркетинг, кој често треба да биде многу погласен од тој на конкуренцијата за да привлече поголем број на заинтересирани. Се разбира, компаниите кои се во посочениот пазарен сегмент, сериозно се конкурираат помеѓу себе но од аспект на корисници е многу комплексно да се определи разликата помеѓу сите нив. Сепак, овој е во сериозен раст и според определени процени ќе продолжи да растe во следните неколку години, пред се поради целокупната дисторзија на образованието во државата, и сериозниот недостаток на квалификуван кадар во сите сегменти особено во ИТК индустријата.

За дефинирање на трендот и неговото значење и можности кои ги нуди за бизнисот, најпрво да се изработи анализа каков е истиот? Дали е моментален или долгорочен? Каков “know-how” е потребен за започнување на бизнисот, и дали воопшто е потребен? Дали овозможува долгорочно работење на компанијата? Какви се бариерите за влез? Дали може секој да започне, или се потребни некои квалификации? Која е веројатноста за успех? Кои конкурентски предности треба да се постигнат за одржлив бизнис? Дали предностите се одржливи и колку лесно се копираат? Колку компании ќе привлече, и колкава ќе биде конкуренцијата?

Всушност се треба да биде во насока на воспоставување на долгорочен бизнис модел, а не само краткорочен профит кој не овозможува долгорочна стабилност на бизнисот. Одговорите на претходните прашања, треба овозможуваат да се креира слика за пазарниот сегмент, трендот и позицијата на компанијата која што треба да се постигне.

Претходното не посочува дека инстант трендовите се негативни, но потребно е да се препознаат како такви и во тој случај целата компанија да се постави на начин кој ќе овозможи максимално нивно искористување и да изработи уште од самиот почеток излезна стратегија, кога ќе ја постигне сатурацијата или ќе започне со опаѓање.

Подготвил, Сергеј Зафировски

Текстот е авторски на консултантите од Агенцијата за Истражување Инсајдер ИД. За секое споделување или користење потребно е писмено одобрување од Инсајдер ИД или Analitika.mk.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде