Преку 1,1 милион трансакции, државата извршила уплати и исплати на физички лица, фирми и на државни институции. Податоци со опфат на период од 1-ви јануари 2019 година до крајот на ноември 2019 покажуваат дека по сите овие основи, вкупната вредност на трансакциите зад кои стои државата, во анализираниот период, надминува 4,8 милијарди евра – или толку пари легнале на трансакциските сметки по различни основи од државен извор.

Банкарската тројка, НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка и Комерцијална банка “држи“ скоро 23 % од вредноста на трансакцискиот колач во Македонија, или само во овие три банки за 11 месеци легнал износ од речиси 1,1 милијарда евра – пари кои ги исплатила државата по различни основи. Преку овие три банки, за истиот анализиран период се спроведени 211 729 транскации

Тука погледнете ја листата на вкупниот изност на трансакции и банки

Веднаш зад овие три банкарски групации, како дел од првите пет, според бројот на транскации и вредноста на уплатените пари на трансакции се и Еуростандард банка со повеќе од 12 илјади трансакции вредни 185 милиони евра и Халк Банк со повеќе од 29 илјади трансакции во износ поголем од 98 милиони евра. Токму ваквиот распоред на силите кај овие две банки покажува дека бројот на транскации не значи и поголем износ на собрани пари преку нив. Имено, ваков пример се и три други групации,ТТК Банка и Универзална Инвестициона Банка – Скопје во однос Стопанска банка – Битола имале од 3 000 до 6 000 повеќе трансакции, но нивната вредност во однос на Битолската банка била помала и тие според овој критериум се рангирани подолу на листата.

Сличен е и примерот со Шпаркасе банка која има далеку помалку трансакции во однос на Универзална Инвестициона Банка, но со значајно поголема вредност на собраните средства. Преку 14 те банки во земјава за 11 месеци се реализирале 343 783 трансакции преку кои државата уплатила 1,7 милијарди евра по сите можни основи.

Водечки банкарски групации според уплатениот износ и борјот на трансакции

Според износот на средства кои поминале преку трансакциите, убедливото прво место го држи Комерцијална банка во која се концентрирани парите што легнале на сметка на акционерските друштва, фирмите со предзнак ДОО и ДООЕЛ но преку оваа банка се вршат и трансакции на фирмите со формат на командитно друштво на акции. Податоците на „Таргет груп“ за распоредот на бројот на трансакции и нивната вредност според видот на деловниот субјект покажуваат дека 94% од износот што се исплатил на сметките на субјектите – АД, чија вкупна вредност е 104 милиони евра, се во рацете на пет банки: Комерцијална Банка, Шпаркасе Банка, Стопанска Банка, НЛБ Тутунска Банка и Охридска Банка. Воедно, овие пет банки апсолвираат 33.344 трансакции на акционерските друштва од вкупно 40.420 трансакции. Кај останатите банки вредноста на трансакциите е помала од 3 милиони евра.

Според вредноста и бројот на трансакции на фирмите со предзнак ДОО и ДООЕЛ предничат, Комерцијална банка каде субјектите ДОО преку трансакции “примиле“ 20,2 милиони евра, а субјектите ДООЕЛ скоро 53 милиони евра. На второ место е НЛБ Тутунска банка каде вредноста на трансакциите на државата кон фирмите ДОО била 14,5 милиони евра а на сметките на ДООЕЛ-субјектите легнале 18,6 милиони евра. На трето место според уплатениот износ на трансакциите на правните ДОО субјекти е Стопанска банка со износ од 6,2 милиони евра додека според износот на уплатените средства на субјектите ДООЕЛ на трето место е Шпаркасе Банка со 14,8 милиони евра.

Уплатите на државата на правните субјекти кои не влегуваат во сите овие категории се во износ од 3,7 милијарди евра и повеќе од половина од овие транскации се спроведени преку НБРМ, односно се работи за меѓусебни плаќања на државата и нејзините институции.

Малку поразличен е распоредот на трансакциите и нивната вредност на Јавните трговски друштва. Од вкупната вредност од 70 милиони евра за 11 месеци, 34 милиони евра легнале во Стопанска банка, зад неа е ТТК Банка со 9 милиони евра а на трето место Халк банка со 7,2 милиони евра. Трансакциите на субјектите – трговски друштва се концентрирани во Стопанска банка, Комерцијална банка, ТТК Банка, НЛБ Тутунска банка и Охридска банка.

Од јануари до крајот на ноември државата на подружниците (странски фирми, нивни канцеларии, фелијали) уплатила 6 милиони евра, а според висината на средствата префрлени на трансакциски сметки, водечки се Халк банка, Охридска банка, Универзална Инвестициона Банка, Капитал Банка и Комерцијална банка, што значи дека странците парите ги чуваат во “странски“ банки во земјава.

Анализа на податоци: Таргет Груп

Новинарска обработка: А.Д

Графичка обработка: Виктор Ѓуровски

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде