Маркетинг секторите во денешните компании се свесни за важноста на брендот и профитот кој го носи секојдневно работата на креирање на нови брендови и “негување” на постоечките, нивно успешно позиционирање, формирање свесност во главите на потрошувачите и пред се емотивна врска со истите. Една од задачите на бренд менџерите во која се вклучува дури и топ менаџментот е бренд стратегијата која се нарекува екстензија или проширување на брендот. Многу често компаниите се двоумат дали да креираат нови брендови и дали прават екстензија на постоечките. Во поволни пазарни услови најчесто се бира проширување на постоечкиот бренд притоа користејќи ја репутацијата која ја има брендот, а претставува добра појдовна основа за успех на новиот производ. Екстензијата на бренд може да биде во вид на нова категорија на производи  или нова понуда во постоечка линија на производи.

Оваа стратегија ја користат многу
странски и домашни компании, но не сите се успешни. За да има успех во
проширувањето многу е важен тајмингот на воведување, важно е производот да е
логично поврзан со брендот кој се проширува, но сепак да има уникатни
карактеристики кои ќе го поттикнат купувачот да го проба производот, да нема
премногу производи кои се проширување на брендот и кои можат да го збунат
купувачот, името да укажува на брендот кој се проширува. Од друга страна
ризикот од неуспешната екстензија може да биде и намалување на продажбите за
брендот кој се проширува. Успешната екстензија во голем удел зависи и од
начинот на промоција и претставување во медиумите.

Неодамнешни проширувања на бренд
во Македонија направија АД Скопска Пивара и 
млекарата АД Бучен Козјак. Пред околу две недели Скопска пивара го
претстави  СКОПСКО ИПЛ – првото крафт
пиво во Македонија. Скопско ИПЛ е  спој
на нов квалитетен производ со веќе успешен и докажан бренд. Од направената
анализа може да се заклучи дека Скопско веќе има искуство со досегашните
проширување и Скопско ИПЛ е само уште еден член на големото семејство на
Скопско. За проширувањето на брендот Скопска пивара има инвестирано многу во
технологија но и во промоција преку рекламирање и публицитет.  

Од она што може да прочита на веб
страната во млекарата Бучен козјак екстензијата на брендот е новиот пробиотски
јогурт Бучен козјак  промовиран под
мотото “Следи ја детелинката, носи нов производ”.
Квалитетот на веќе познатите млечни производи на Бучен козјак препознатливи на
пазарот во спој на нови карактеристики во согласност со пазарните трендови и
најновите укажувања на педијатрите и нутриционистите за важност на пробиотиците
би требало да донесат нови потрошувачи и веќе постоечките да го пробаат новиот
јогурт. Она по што се разликува екстензијата на Бучен Којзак од онаа на Скопско
е релативно помалата посветеност за публицитет на производот со малку објави на
медиумите кои можат да бидат клучни за успешност на екстензијата.  Заедничко е што се работи за многугодишни
брендови кои многу инвестираат во својот квалитет и тоа што веќе имаат успешни
екстензии зад себе.

Успешните екстензии носат бенефит за компаниите кои ги спроведуваат овие стратегии во вид на профит и додадена вредност.  За потрошувачите носат поголем избор  со помал ризик за квалитет како кај купувањето на нов производ со кој не се емотивно поврзани и ја немаат довербата што ја нуди еден бренд. Времето ќе покаже колку горенаведените екстензии биле успешни и што точно го пресудило нивниот (не)успех.

Подготвила, Марта Куковска

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде