За да може да ги обезбедат средствата кои им се потребни за работа, а кои воедно се и основа за генерирање приходи од работењето, компаниите користат различни извори на средства со кои се финансира работењето на компанијата.

Така, компаниите може да го користат сопственото финансирање (задржаната добивка, издавање на акции) или за своето работење да користат туѓи извори на средства (кредити, заеми, обврзници).

Задржаната добивка претставува износ кој компанијата не го потрошила, а го заработила како резултат на остварените нето-добивки низ годините. Задржаната добивка уште е позната под името акумулирана добивка токму поради тоа што претставува акумулација на нето-добивките кои компанијата планира до одреден износ или во вкупен износ да ги реинвестира во работењето.

Компанијата, за да прибере средства кои се потребни за финансирање на нејзиното работење, може да одлучи да издаде акции – финансиски инструменти – кои на кредиторот му носат одредени поволности во зависност од видот на акциите во кои инвестира.

Главно, акциите како сопственички финансиски инструменти може да се поделат на обични и приоритетни акции.

Обичните акции најчесто на имателите им овозможуваат право на глас и право на дивиденда како резидуално побарување. За разлика од нив, приоритетните акции обично не носат право на глас, но затоа носат право на фиксна дивиденда каде вообичаено е присутна кумулативната одредба за дивиденди, така што кога ќе се донесе одлука за исплата на дивиденда се исплаќа прво дивидендата од приоритетните акции за измината година и годините кога таа не им била исплатена на имателите на приоритетни акции, па потоа се врши исплата на дивиденда на обичните акционери. Ова најмногу поради фактот што обичните акционери се сметаат за сопственици на компанијата (сопственици кои имаат право на глас за одлучување во компанијата).

Најмалку застапен финансиски инструмент за финансирање на работењето на компаниите во Македонија се обврзниците. Обврзниците се должнички хартии од вредност кои на имателите им овозможуваат приоритетно побарување спрема имотот или доходот на нивните издавачи. Тие имаат фиксен принос и на имателот на обврзниците му се враќа вложениот износ плус каматата за одреден период на време.

Од друга страна, пак, најзастапени се заемите и кредитите кои компаниите ги сметаат за дополнителен извор на туѓ капитал кога сопствените извори на финансирање не се доволни за финансирање на работењето.

Во зависност од времето кога овие позајмени средства треба да се вратат на кредиторите, обврските на компанијата за нивно враќање може да се поделат на долгорочни и краткорочни.

Долгорочни обврски се износот на обврски чиј рок на доспевање е поголем од една година, додека пак краткорочни обврски се обврски со рок на доспевање за период пократок од една година и најчесто тоа се обврски кои го финансираат работниот капитал на компанијата. При анализа на финансиските извештаи треба да се има предвид дека делот од долгорочните обврски кој достасува за плаќање за период помал од една година се вбројува во краткорочни обврски на компанијата.

Како извор за финансирање на работењето, компаниите ги користат и обврските кон добавувачите кои претставуваат обврски што треба да се подмират за набавените материјали, стоки или услуги кои се потребни за тековното работење. Со успешно менаџирање на исплатите на обврските кон добавувачите, како и наплатите на побарувањата на купувачите, компаниите може да обезбедат дополнителни краткорочни извори на средства за нивното работење.

Со цел да се одржи стабилност и сигурност во работењето на компанијата, степенот на самофинансирање (финансирање од сопствени извори на средства) прифатливо е да се движи над 50 % од вредноста на активата на компанијата, додека пак коефициентот на задолженост на компанијата (користење на туѓ капитал) треба да опфаќа до 60 % од вредноста на средствата на компанијата. Секако дека ова се просечни вредности и дека тие се разликуваат во зависност од големината и дејноста на компанијата.

Според податоците на Народна банка, просечната задолженост на компаниите се движи во рамките на просечните вредности. Од извршената анализа се забележува дека компаниите кои според големината се класифицирани како микро правни лица имаат поголема задолженост што е и очекувано, со оглед на тоа дека тоа се новоосновани компании кои се сѐ уште нови на пазарот и им е потребна поголема финансиска поддршка во работењето која не може да ја обезбедат од сопствени извори на финансирање. Интересно е да се напомене дека задолженоста е повисока од просечната кај компаниите кои оствариле загуба од своето работење и тој тренд е присутен и во 2017 и во 2018 година.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде