Според претходните анализи на Аналитика.мк, Зошто странците ја избираат Македонија како дестинација за посета?, во државата постои јасен тренд на зголемување на туристите, но дали тоа зголемување придонесува и за зголемување на приходите кај компаниите особено хотелите? Интересно е дека и покрај апсолутното зголемување на туристите секоја сезона, коментарите од терен кај хотелиерите и угостителите е дека продажбата секоја година се намалува. Сепак, како агенција би посочиле дека намалувањето не се должи на намалување на бројот на туристи, односно корисници на услугата, туку пред се на обемното зголемување на конкуренцијата и понудата во последните неколку години.

Глобалните Хотелски Ланци како Мериот, Хилтон, Ибис и сериозен број на локални хотели како Хотел Парк и Хотел Солун започнаа со работа, што до определен степен го разводнија пазарот од една страна, но од друга го унапредија целокупниот сегмент. Сепак и според следната финансиска анализа, забележливи се и високи профити и приходи на најголемите компании во хотелиерството, што посочува дека малите хотели го “трпат” најголемиот финансиски удар, особено во главниот град.

При анализа на финансиските извештаи за најголеми хотели, во која се опфатени “Holiday Inn”, “Best Western”, “Hotel Karpos”, “Hotel Belevue”, “Hotel Vodno”, “Hotel Manastir”, “Hotel Metropol”, “Sirius” Strumica”, “Radika Resort”, “Princess Casino”, “Aurora”, “Elitte Plaza“ се забележува раст на вкупните приходи за 11.7% споредбено 2017/18. Во 2017 година, најголемите хотели во Македонија оствариле 47.5 милиони евра додека пак во 2018 година вкупните приходи изнесуваат околу 53 милиони евра.

Во врска со оперативното работење, доколку се анализира учеството на вкупните расходи во вкупните приходи најниско учество кое е остварено и за двете години е приближно 67% и се однесува на Хотелско-угостителско акционерско друштво Македонија Турист (Holiday Inn, Best Western, Hotel Karpos, Hotel Belevue, Hotel Vodno).

Највисока нето профитна маржа која е остварена за двете години кои предмет на анализа (2017/2018 год.) и изнесува 30% и е остварена од исто хотелско-угостителско друштво додека пак во 2017 година, три од анализираните  хотелски капацитети остваруваат загуба. За разлика од 2017 година, во 2018 година се забележува подобрување во целиот сегмент односно само еден хотел остварил загуба во своето работење.

Највисок раст во добивка кој е остварен изнесува 27% и се однесува на работењето на Хотел Метропол или во апсолутен износ околу 105 илјади евра. Меѓутоа, највисоката добивка која е остварена и во двете анализирани години не припаѓа на компанијата која остварува всушност највисок раст на добивката.

Според последните податоци, најголем дел од туристите што доаѓаат во Македонија го посетуваат Скопје со 43%, следно ги посетуваат Езерските места со 35%. Многу мал дел од туристите посетуваат Планински места со 3% и останатите 18% се изјасниле дека посетуваат други места во Македонија.

Според податоците достапни на Биро за статистика во 2016 година, за туристите кои престојуваат во Хотели (тука спаѓаат хотелите од 1* до 5*) како две причини за најчеста посета на Македонија се: Одмор и рекреација и Посета на роднини и пријатели. Туристите кои доаѓаат за Одмор и рекреација, во најголем дел се од Холандија додека пак лицата кои ја посетуваат Македонија поради Посета на роднини и пријатели се во најголем дел од Србија, Австрија и САД.

Во соработка со Инсајдер ИД и БизнисМрежа.мк

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде