Исполнувањето на Копенхашките критериуми се условот за влез во Европската Унија. Македонија е кандидат за членство во Унијата официјално од 9 ноември 2005 година и низ изминатите години се стреми кон почеток на преговори за членство. Но, што всушност би донело истото и кои се бенефитите од него?

Покрај политичките и правни бенефити кои ветуваат политичка стабилност, човекови права особено во однос на дискриминацијата и законското проследување на истото, како и модернизирање на држави со имплементирање на некои човекови права, тука се и големите економски бенефити. Членството во ЕУ значи слободна трговија и отстранување на нетарифните бариери што резултира со намалување на трошоците за потрошувачите. Отстранувањето на царинските препреки значи дека огромен број на документи за царинење нема да бидат потребни при што значително се намалува бирократијата, трошоците и времето на достава. Земјите членки на ЕУ имаат висок Индекс на човечки развој кој е комбинација од очекуваниот животен век, образованието и приходите. До сега се докажало дека е забележан значителен пораст на Бруто домашниот производ кај посиромашните земји. Со члеството се очекува и пораст на инвестициите кои доаѓаат надвор од Унијата. Што се однесува до работната сила и нејзиното слободно движење може да се пополнат работни позиции за кои има недостаток од вработени. Исто така туризмот станува поевтин и полесен со отворените граници, за студентите е полесно да студираат на странски универзитети, а се поддржува и заштита на правата на вработените во однос на работната недела и фер плати.

Што се очекува од Македонија да постигне во различни области?

Во согласност со заклучоците на Европскиот совет во Копенхаген во јуни 1993 година, пристапувањето во ЕУ бара постоење на функционална пазарна економија и капацитет за справување со конкурентниот притисок и пазарните сили во рамките на Унијата.

Во поглед на економските критериуми, според последниот извештај на Европската Комисија, а објавен на страната на Секретаријатот за европски прашања, Македонија има постигнато одреден напредок и добро ниво на подготвеност за развивање на функционална пазарна економија. Економскиот раст се зголеми во 2018 година, но инвестициите и понатаму се со помал интензитет. По стагнацијата во 2017 година, БДП бележи раст од 2,7% во 2018 на годишно ниво. Приливите од странски директни инвестиции, исто така, значително се зголемиле во 2018 година по падот во 2017 година и изнесуваат 5,8% од БДП, што е далеку над нивниот просек од 2,6% во претходните 5 години.

Во извештајот стои дека е потребно е да се преземат мерки за управување со јавните финансии и транспарентноста. Од друга страна пак, функционирањето на пазарот на трудот е нарушено со постојани структурни промени. Сепак, намалувањето на невработеноста ги прикрива структурните проблеми. Тука е и неформалното вработување, кое продолжува да се намалува, но процентот останува висок (18,1%).

Земјата има постигнато напредок и во трговијата. Извозот и производството опфаќаат и производи со повисока вредност, иако на продуктивноста влијае недостигот на вештини кои се потребни на компаниите, а тоа ја нарушува и конкурентноста на економијата. Во однос на јавната инфраструктура потребно е да се вложат дополнителни напори.

Добро ниво на подготвеност, како што стои во извештајот, земјата покажува во областите како трговски друштва, царинска унија, трансевропски мрежи и наука и истражување. Напредок е забележан и во банкарскиот сектор.

Проблем е и сивата економија со тоа што е влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор. Исто така иако приватната сопственост е доминантна, до крај на 2018 година сѐ уште имало 16 претпријатија кои се во целосна државна сопственост и овој број останал непроменет последните три години.

Македонија има големи очекувања во однос на нејзиниот иден влез во унијата, но пред да се стигне до тој чекор, таа треба да ги исполни нејзините очекувања. Пред да се добие датум за преговори, треба да се воочи дека тие се обемен потфат којшто се одвива со брза динамика, и наложуваат целосна подготвеност на државните органи, институции и на структурите воспоставени за координација и водење на преговорите пред нивно започнување.

 Подготвила, Марта Димитров

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде