Минатата година продолжил трендот на регистрирање огромен број нови компании во овој сектор. Се наметнува прашањето, дали македонските претприемачи се помалку иновативни или немаат идеја за бизнис.

Новите компании најмногу се одлучуваат да работат во трговијата. Најуспешните стартап компании се дел од секторот трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, а минатата година продолжил трендот на регистрирање огромен број нови компании во овој сектор. Од 472 најуспешни новоосновани компании, 167 се регистрирани во секторот трговија, што претставува 35 проценти од нив. Помеѓу компаниите се наоѓаат од трговци со нафта, до трговци со најситни стоки за потрошувачка. Покрај трговијата, најуспешните новоосновани компании покажуваат интерес и за инвестиции во преработувачката индустрија, каде има 77 најуспешни стартап компании, или 16 процент. Нови инвестиции привлекол и секторот за хотелиерство и угостителска дејност, каде меѓу најуспешните се 45 компании, што е 10 проценти од најуспешните компании. Градежништвото и транспортот и складирањето се сектори со солидно учество во групата на компании кои се најуспешни, како новоосновани. На градежништвото отпаѓаат 40 компании, а на транспортот и складирањето 38 компании, што е учество од околу 8 проценти. Помеѓу најуспешните компании, од информациските дејности се 34 или 7 проценти. Во стручни, научни и технички дејности има 25 компании. Во останатите сектори од стопанството, од најуспешните компании, има помал број на компании. Во снабдувањето на електрична енергија гас, пареа и климатизација има 6 компании, во недвижности 3, во финансиски дејности 2, рударство 4, уметност и забава 3 компании, потоа образование 4, земјоделство 4 компании, административни и помошни услужни дејности 12, снабдување со вода 3 компании.

Финансиските податоци на трговците покажуваат дека тие и во првата година од основањето оствариле солидни приходи од работењето, што можеби дава и одговор на прашањето зошто овој сектор е поатрактивен за нов бизнис и дали помалите ризици за еден нов бизнис се дел од мотивите претприемачите да се насочуваат во оваа дејност. Иако, треба да се напомене дека помеѓу најуспешните новоосновани компании постојат и такви кои покрај трговијата се регистрирани и за производство. Инаку, најголемите вредности на трговските компании, од најуспешните, достигнуваат околу 1,8 милијарди денари во 2018 година. Од најуспешните компании, од трговијата, „Омпетрол оил“ Петровец, во 2017 година има приходи од 1,2 милијарди денари, минатата година приходите се зголемиле на 1,8 милијарди денари, односно за 46 проценти. Потврда за солидните приходи на трговците е компанијата „Техномаркет“, која во првата година од основањето остварила 814,2 милиони денари, а „Гранап“ остварил вкупни приходи од 1,3 милиони денари, додека во наредните години приходите пораснале на над 100 и над 200 милиони денари.Минатата година е регистрирана компанијата „Хедис здружени маркети“, таа во првата година има приходи од 90,5 милиони денари. Дел од компаниите,во првата година од работењето, оствариле вкупни приходи од една до девет милијарди денари.

Доколку сакате да дознаете кои се најуспешните бизниси во Р.Македонија притиснете овде.

Што поттикнува најголеми инвестиции во овие неколку сектори?

Атрактивни за започнување на бизнис во Македонија се традиционалните сектори, како трговијата, кои се релативно лесни за работа.Оттука, се наметнува прашањето дали македонските претприемачи се помалку иновативни или немаат нова идеја за бизнис. Каков развој може да се очекува и зошто македонските претприемачи сакаат со готови бизнис модели и без многу иновации да започнат бизнис. Дали се работи за најголеми шанси за профит,наједноставен начин да се отвори бизнис со мали почетни вложувања,а има можност да се дојде до субвенционирање на работни места,разни мерки и програми и финансиска помош од државата. Се чини малку од младите гледаат интерес и храброст да се соочат со сите тешкотии и предизвици кои ги очекуваат, од финансии, до објекти, технологија, вработени исл., а згора на тоа голема неизвесност и ризици, поради ограничениот македонски пазар и слабата куповна моќ. Но, колку се атрактивни овие сектори од аспект на перспективи за извоз,како и економски развој, кога се темелат доминантно на стопанска дејност која се заснова на тргување на стоки,без додадена вредност и со отворање на мал број работни места, бидејќи доминираат мали фирми со 1-9 вработени. Според економската пракса, развојот на економијата го носат иновациите и новите технологии. Се забележува дека земјоделството не е доволно атрактивно за бизнис, а Македонија има одлични климатки услови и претставува земјоделска земја, што треба да е природно за вложување во него.

Недостиг на иновативност или финансии?

Што ги поставува трендовите,трговијата и традиционалните сектори да бидат доминантни во стопанството. Дилемите одат во правец на ризиците за отворање на нови бизниси, недостигот на финансии за инвестиции, односно пристапот до капитал и финансиски извори за компаниите. Банкарите велат дека стартап компаниите се ризични за нив, бидејќи немаат кредитна историја, а теба да дадат финансии со ниска каматна стапка, што им создава трошок и затоа не се одлучуваат да дадат кредити. Прашање е дали банките треба да бидат пофлексибилни и да инвестираат стартапи, кога целиот бизнис зависи од мозокот на претаприемачот.Сепак, дел од банкарите сметаат дека стартап компаниите имаат голем потенцијал и затоа треба да се размислува и за јавно-приватно партнерство со државата, каде таа ќе размислува да развива одредени инвестициски фондови за поддршка на стартап бизниси, кои ќе помогнат за поделба на ризикот помеѓу оние кои пласираат комерцијални средства, односно банките и оние кои пласираат субвенционирани средства, односно вклучување и на финансиските институции и министерствата кои се засегнати со проблематиката. Што значи дека треба да се најде моделот, по кој ќе се подели ризикот и ќе се подели бизнисот помеѓу сите засегнати страни, со цел стартапите да одат напред, модели кои веќе функционираат успешно во светот.

Како се развива стартап сцената во последните години?

Во последните години стартап сцената се развива, а иновациите многу повеќе се во фокусот на претприемачите. Фондот за иновации даде сериозен импакт преку финансиската поддршка и ги охрабри претприемачите и иноваторите за нови проекти. Се чини, тоа ја покажува вистинската слика дека недостигаат финансии за сопствени инвестиции и се чека на парите од државата. Сепак, сопствениците на стартап компании ја поздравуваат поддршката од Фондот за иновации со став дека многу помага да се позиционираат и да опстојат, иако тоа не е доволно и потребни се и поголеми сопствени средства и добар тим. Други велат дека има уште многу да се работи за да го достигнеме нивото на развиениот свет на стартапи, но има голем напредок и охрабрување кај младите.

Што може да поттикне поголем развој на стартап сцената?

Државата не е доволна за развој на стартап сцената, потребни се други паралелни активности за да се овозможи развој . Дел од познавачите на состојбите велат дека за развој и поттикнување инвестиции на стартап сцената потребни се даночни поволности за стартап компании во првите 5 години.Иницијативи има и во делот на законската рамка за стартапите, според правниците, тие работат според Законот за трговски друштва, иако имаат низа специфики во работењето во првите години, што значи доколку се издвојат во одредени делови со закон, ќе имаат поголема шанса за развој, како што има и примери во светот.Последните истражувања кои се правени во оваа област покажуваат дека во последните години стартап екосистемот се збогати со многу организации кои ги поддржуваат и со финансии и со менторство, но и покрај тоа намален е бројот на стартап компании. Истражувањето на УСАИД и „Стартап Македонија“, покажува дека 75 проценти од стартап компаниите имаат недостаток од знаења во областа на продажба, само 35 проценти од организациите нудат ваков вид на поддршка.Понатаму, 80 проценти од организациите нудат менторски услуги, но само 11 проценти од стартап компаниите бараат ваква услуга. Во однос на спремноста за инвестиции, финасирањето е главен предизвик за раст на бизнисот. Половина од стартап компаниите сметаат дека нема доволно соработка во рамките на екосистемот, додека 80 проценти од организациите на поддршка нудат услуги за “вмрежување и соработка”. Според податоците, 75% од стартап компаниите во земјава имаат недостиг на знаења за продажба, само 35 проценти од организациите формирани за нивна помош нудат ваков тип на поддршка. Според ова, треба да продолжат активностите на сите полиња од развој на стартап екосистемот, за да може да се искористи потенцијалот кој го имаат стартапите.

Во соработка со Таргет Груп и Бизнис Мрежа .

Новинар, Марија Георгиевска.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде