Најголем годишен раст на добивката прикажале компании од автомобилскиот сектор, финансиите и дејноста со трговија и услуги. Најголем приход пак прикажала компанија од секторот трговија – популарна во бизнисот со трговските центри. Фирмите со бугарски капитал во земјава се пенетрирани речиси во сите бизнис сектори, но не сите дејности се подеднакво профиталбилни. „Таргет Груп“ ги анализира финансиските податоци за водечките бугарски компании кои работата во Македонија.

Бугарски компании со најголeми профити и приходи …

Од вкупно 636 компании кои во своето сопствеништво имаат најмалку еден менаџер-сопственик од Бугарија, „Таргет Груп“ ги рангира водечките, кои се издвојуваат според висината на приходите и добивките на годишно ниво. Анализата покажува дека не секогаш компаниите со најголеми приходи генерираат и најголеми профити. Исто така, одредени компании кои се подолу на листата според добивката прикажуваат највисоки стапки на раст на истата.

На прво место, според висината на прикажаната добивка е друштвото за производство и трговија БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип – во македонската јавност познат рудник за вадење на руди и обоени метали. Оваа компанија во 2018 година прикажала добивка во износ од скоро 6,4 милиони евра, која во однос на 2017 година се зголемила за 47,6%. Вкупните приходи на компанијата изнесувале 24 милиони евра со годишен раст од 21,5%. Во оваа фирма од рударскиот сектор во 2018 биле вработени 749 луѓе.

Друштвото за производство, трговија и услуги ВИНЕРБЕРГЕР ДООЕЛ Виница, лоцирана во Источниот регион со 126 вработени, во 2018 година прикажала добивка во износ од 2,8 милиони евра и приходи во износ од 9,9 милиони евра. Оваа компанија што го држи второто место, доаѓа од градежништвото, конкретно се занимава со производство на цигли, ќерамиди и производи од печена глина за градежништвото, прикажува раст и на приходите и на профитите во изминатите години.

На трето место според висината на профитот е друштвото за трговија и услуги РАМСТОРЕ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје, компанија која е од секторот трговија. Во оваа фирма која се занимава со трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутун, во 2018 година работеле 708 луѓе чиј број во однос на 2017 година се зголемил за 10,4%. „Рамстор“ во 2018 година прикажал добивка од 2 милиони евра и приход од 60,8 милиони евра, со што оваа компанија според остварениот годишен приход предничи пред сите останати кои во своето сопствеништво имаат бугарски капитал.

На четврто место со добивка од 980 000 евра е трговското друштво за вработување на инвалидни лица – заштитно друштво за производство,трговија и услуги НИКО-2002 ДООЕЛ увоз-извоз Штип. Оваа фирма од Источниот регион која се занимава со трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија варботува 19 луѓе и во однос на 2017 та бројот се намалил за 13,6%. Штипската фирма во 2018 та прикажала приходи во износ од 2,7 милиони евра со годишен раст од 5,8%.

Компанија од автомбилскиот бизнис е на петто место според износот на добивка. Трговското друштво за трговија со возила и резервни делови ТОЈОТА АВТО ЦЕНТАР ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, во 2018 та имало 30 вработени, со прикажана добивка од 516 645 евра и приход од 12,3 милиони евра, со годишен раст од 129,5% и 26,4%, соодветно.

Во втората “петторка“ влегуваат компании кои имаат добивка пониска од половина милион евра. На шесто место е друштво за производство, трговија и услуги СЕКТРОН ДООЕЛ Скопје со профит од 418 000 евра, следуваат друштво за трговија и услуги П.И.К. КО ДООЕЛ увоз-извоз Скопје со профит од 403 000 евра, финансиско друштво КРЕДИСИМО ДООЕЛ Скопје со 354 000 евра, друштво за трговија и услуги ЕВРО ГЕЈМС ТЕХНОЛОЏИ ДООЕЛ Скопје со добивка од 298 000 евра и на десетто место со добивка од 244 000 евра е друштвото за трговија и услуги М КАР ДООЕЛ Скопје.

Анализирано според бројот на вработени, во првите пет спаѓаат рудникот БУЛМАК 2016 ДООЕЛ од Пробиштип со 749 вработени, РАМСТОРЕ МАКЕДОНИЈА ДОО од Скопје со 708 луѓе, ВИНЕРБЕРГЕР ДООЕЛ од Виница со 126 вработени, ТОЈОТА АВТО ЦЕНТАР ДООЕЛ од Скопје со 30 и М КАР ДООЕЛ од Скопје со 24 вработени. „Тарге Груп“ објави дека сите 636 компании кои во своето сопствеништво имаат бугарски газди и капитал, во 2018 година прикажале приход во износ од 351 милион евра и профит од 17,8 милиони евра, со што на годишно ниво е регистриран раст и по двата основи.

Графичка обработка: Виктор Ѓуровски

Анализа на податоци: Таргет Груп

Новинарска обработка: А.Д

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде