Компанија од здравствениот сектор има најголем трошок за плата по вработен, а најголеми вкупни трошоци за вработени прикажуваат фирми кои апсорбираат и најголем број на вработени. Но, не секогаш компанија која има најголеми трошоци за вработените има и најголем трошок за плата по вработен – што е показател за разликите во висината на платите меѓу фирмите. “Таргет-Груп“ објавува податоци за трошоците на компаниите за вработените и каков е соодносот со бројот на вработени и трошокот за плати по вработен.

Ранг листа – кои компании колку трошат за плати

Државната ЕЛЕМ, сега ЕСМ односно АД за производство на електрична енергија е на убедливо прво место според висината на вкупните трошоци за вработените, но и трошоците за плати и надместоци на плата. Оваа компанија од листата Топ 20 фирми според висина на трошоците за вработените, високо котира и според бројот на луѓе кои работат во неа, или конкретно во ЕСМ се вработени 4 745 лица. Вкупните трошоци за нив годишно изнесуваат 58 милиони евра, а само за плати годишниот буџет е 36 милиони евра што претставуваат 61,8% од вкупните трошоци, а со удел од 16% во вкупните приходи. Трошоците за плата и надоместоци на плата по вработен во оваа државна фирма изнесуваат 7 500 евра.

На второ место според вкупниот износ на трошоци за вработените е странската компанија Кромберг и Шуберт – Македонија ДООЕЛ Битола. Оваа германска фирма која со 6 437 вработени го држи првото место според овој критериум, годишно прикажува вкупни трошоци за вработени во износ од 44,2 милиони евра. Само за подмирување на обврските по основ на плата и надоместоци на плата, Кромберг и Шуберт одвојува 25,1 милион евра, што претставува скоро 57% од вкупните трошоци за вработените. Оваа компанија не е меѓу водечките според оставрена годишна добивка, а трошоците за плати и надоместоци по вработен изнесуваат 3 897 евра.

Во странската фирма од автомобилскиот сектор. ДММ Дрекслмајер Мануфактуринг Македонија Дооел – Кавадарци, која го држи третото место според висината на вкупните трошоци за вработените,а е рангирана на второ место според трошоците само за плати и за надоместоци, работат 5 991 лица. И оваа странска компанија не котира високо според прикажаната добивка на годишно ниво. Вкупните трошоци за вработените се на ниво од 38,7 милиони евра, а само за плати одат 67,3% од оваа сума. Трошокот за плата и надоместоци по вработен изнесува 4 354 евра.

Фармацевтската хемиска козметичка индустрија Алкалоид АД Скопје, која е на четвртото место, годишно прикажува трошок за вработените во износ од 22,2 милиони евра, а од нив 12,6 милиони евра се за плати и надоместоци на плата. Во оваа извозно ориентирана компанија работат 1 585 луѓе, а трошокот за плата и надоместок на плата по вработен изнесува 8 484 евра, што пак ја става меѓу првите на врвот според висината на трошокот по вработен.

Петтото место е резервирано за Електродиструбуција ДООЕЛ Скопје Друштво за дистрибуција на електрична енергија која е на петта позиција и според висината на вкупните трошоци за вработени и според висината на трошоците за плата. Така, во оваа фирма во која работат 1 742 луѓе, вкупните годишни трошоци за вработените изнесуваат 19 милиони евра, а од нив 11,6 милиони евра се само за плати и надоместоци на плата. Вкупниот расход по вработен само по основ на плата изнесува 6 674 евра.

Досегашните примери покажаа компаниите со најголем број на вработени високо котираат и според вкупните трошоци за вработените и трошоците за плати, но тоа не значи и дека фирмите со највисоки трошоци за плата имаат и највисок трошок за плата по вработен, што може да се смета дека е показател за големи разлики во платите што ги исплаќаат компаниите.

Име на компанијаВкупно трошоци за платаТрошоци за плата по вработен
ЕЛЕМ36 милиони евра7.500 евра
ДММ Дрекслмајер Мануфактуринг26,1 милион евра4.354 евра
Кромберг и Шуберт25,1 милион евра3.897 евра
Алкалоид АД Скопје12,6 милиони евра8.484 евра
Електродистрибуција11,6 милиони евра6.674 евра
АЏИБАДЕМ СИСТИНА11,0 милиони евра11.637 евра
Македонски Телеком10,2 милиони евра9.078 евра
Макпетрол9,7 милиони евра5.478 евра
Ван Хоол Македонија9,4 милиони евра9.086 евра
Пошта на Северна Македонија9,3 милиони евра4.334 евра

Според висината на трошокот за плата и надоместоци на плата во првите десет се и приватна здравствена установа во мешовита сопственост – Клиничка болница АЏИБАДЕМ СИСТИНА Скопје каде работат 943 вработени, со годишен расход за плати во износ од 11,0 милиони евра, Македонски Телеком Акционерско друштво за електронски комуникации со 1 129 вработени и годишен трошок за плата 10,2 милиони евра, следува МАКПЕТРОЛ Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати каде работат 1 779 луѓе со годишен расход за плати во износ од 9,7 милиони евра, Ван Хоол Македонија со апсорбција на 1 030 вработени и трошок за исплата на нивните плати и надоместоци во износ од 9,4 милиони евра и на десетто место е државната АД „Пошта на Северна Македонија“ со 2 157 вработени и годишен трошок за исплата на нивните плати од 9,3 милиони евра.

Во зависност од дејноста, индустријата, но и технолошкиот развој компаниите даваат различни параметри за вкупните трошоци за вработените и трошоците за плата. Така на пример постојат фирми кои котираат во првите десет според вкупните расходи за вработени, но се подолу на табелата според трошоците само по основ на плата. Така на пример штипската Адиент Сеатинг која е во странска сопственост според вкупниот износ на расходите за вработените се наоѓа на седмото место, а според трошоците за вработените по основ на плати и надоместоци на плата е рангирана на дванаесетотто место.

Интересен е податокот дека во Топ 10 компании според висината на вкупните трошоци за вработените има три кои прикажуваат загуба во деловната година а тоа се Електродистрибуција, која високо котира и според бројот на вработени и според трошокот за плати со загуба од 7,5 милиони евра, “Пошта на РСМ“ со загуба од 2,7 милиони евра и ЈПВодовод и канализација со загуба 883 000 евра.

Анализа на податоците : “Таргет – Груп“

Подготвил: Анета Додевска

Графичка обработка: Виктор Ѓуровски

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде