Лизинг компаниите свртеле приход од 29 милиони евра и ќар од 1,2 милиони евра Лизинг компаниите во земјава во 2018 година свртеле 29,2 милиони евра и имале ќар од 1,23 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка. Бројките покажуваат дека лизинг пазарот во земјава заживува после падот кој го имаше во изминатите години. Така бројките покажуваат дека лизинг компаниите во 2017 година имале приходи од 23,8 милиони евра или речси 5,4 милиони евра помалку од 2018 година, и добивка од 1,13 милиони евра или 97.000 евра помалку од 2018 година. Бројките пак за 2016 година се далеку полоши, па така лизинг компаниите прикажале приходи од само 7 милиони евра и добивка од речиси 950.000 евра.

„Во 2018 година, бројот на друштвата за лизинг се зголеми за едно друштво во споредба со претходната година и изнесува седум. Вкупните средства на друштвата за лизинг во 2018 година, забележаа доста висок раст којшто изнесува 982 милиона денари (речиси 16 милиони евра), или 24,9% (19,9% во 2017 година). Вкупните побарувања на друштвата врз основа на финансиски лизинг се поголеми за околу 3 пати во споредба со основната главнина и резервите (законскиот максимум за овој сооднос изнесува 10 пати), што значи дека според прописите овие друштва имаат уште простор за раст на своите активности. Нефинансиските друштва користат најголем обем од услугите за лизинг и учествуваат со 70,2% и 79,1% во вкупниот број и во вкупната вредност на активните договори за лизинг, а остатокот се корисници физички лица. Речиси сите договори за лизинг се склучени за набавка на возила (патнички и товарни).“- потенцираат од групацијата на друштва за финансиски лизинг при Стопанската комора на Македонија.

Податоците на Народната банка покажуваат дека компаниите и граѓаните зеле најчесто возила на лизинг , тешки 101,5 милиони евра. Така вредноста на активните договори во 2018 година со правните лица изнесувала 82,2 милиони евра, од кои најголем дел од договорите биле со рок на отплата од 1 до 5 години. Вредноста пак на активните договори кај граѓаните била 19,3 милиони евра.

Бројките покажуваат дека 2018 година лизинг компаниите поради неисполнување на обврските раскинале 34 договори тешки 731.707 евра. Бројот и сумата на раскинати договори е поголема од 2017 година но е далеку од 2015 година кога бројот и вредноста на раскинати договори рушел рекорди. Така во 2015 година биле раскинати 170 договори на сума од 4,22 милиони евра.

Извор: Народна банка

Подготвил: A.Ф

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде