Во бизнисот посилниот ги диктира условите, а настапот на странските пазари е наука. Но, нашите бизнисмени бргу учат, што е најкорисно за развивање на деловните врски. Грција ги покажа бизнис амбициите, ние треба да ги прифатиме, вели првиот Амбасадор на Р.Македонија во Грција, со својата богата дипломатска кариера, истакнувајќи ги своите ставови во одговорите на нашите прашања.

Економијата ги надминуваше разликите помеѓу двете земји и нарушените политички односи низ годините, до која мера попречи, колку загуби Македонија од оваа состојба?

Во времe на политички и економски кризи во еден регион и пошироко , кога се спроведуваат ембарга, затворање на границите и сл. губат земјите, граѓаните , страда економијата, земјоделието и финансиите. Во тој момент, профитот им припаѓа на шпекулантите, на криминалците и ако тие се поврзани со актуелните власти (што редовно се случува) тогаш профитери има и меѓу политичарите.

Социјалистичка Република Македонија и Република Грција во периодот 1991 до 2018 имаа во политиката и економијата големи осцилации. Прогласувањето на нашата држава за независен и самостоен државно-правен субјект на Балканот (по распадот на СФР Југославија), соседна Грција за жал го дочека со голема недоверба, со само од нив разбрано чувство дека сме опасност за една европска (споредбено со нашата земја) и силна земја, членка на НАТО и ЕУ.
Со стапувањето на сила на Времената согласност од 13 септември 1995 годнина во Њујорк (под ингеренции на ООН), дојде до отворање на бројни замрзнати врски, деловни контакти и комуникација преку Пристаништето Солун. Тогаш се „пребројуваа загубите и на двете страни“. Резултатите беа поразителни.

На што забележувате најмногу во овие економски релации, колку се работеше доволно сериозно да се развиваат, кога се знае дека секое политичко мешање го нарушува тој прогрес?

Уште класиците на марксизмот јасно ја истакнаа мислата дека концентриран израз за економијата е политиката. Кога политиката ги гледа само своите интереси (остварување на доктрините, присвојување и борба за гласачкото тело и сл.), тогаш нарушувањето на економските релации оди на штета на самите гласачи,на самата држава. Тоа го почувствувавме во регионот со поедини соседи, а го почувствуваа и тие самите. Но, кога е некој посилен, штетата и губитоците полесно ги надминува.

Доколку сакате да дознаете кои се најуспешните грчки фирми во Р.Македонија притиснте овде.

Грчките фирми сакаат да инвестираат во Македонија и покрај спорот, во изминатите години околу 500 фирми опстојуваат. Што ги мотивираше да инвестираат во вакви неповолни меѓудржавни односи?

Периодот од 8 септември 1991 до 15 септември 1995 беше исполнет со големи тешкотии, особено кога во времето на ембаргото и нашата јужна граница беше затворена со едностраното грчко ембарго, а од север границата беше затворена заради ембаргото на ООН кон СР Југославија. Инвестициите од Грција кон Република Македонија започнаа во периодот после потпишувањето на Времената согласност. Тогаш се отворија можности и секако се чувствуваше непишана одлука на грчките актуелни институции за потребата или се даде „зелено светло“ за економски пробив во сферите со најголем интерес за нив. Така, во Република Македонија дојдоа инвеститори во областа на цементното производство, градежништвото, текстилната индустрија, нафтената индустрија, трговијата и др. Мотивацијата на секој деловен човек е јасна и едноставна: проширување на бизнисот на нови пазари, профит и очекување на подобра бизнис клима (тоа што го нуди земјата како предност за инвеститорите во поглед на фискалната политика, безбедност на инвестицијата, воопшто едно добредојде за странски партнери). Токму тоа, во изминатите години се обидуваа неколку македонски влади да го направат со познатата рекламна девиза „Република Македонија најдобрата бизнис дестинација“. Колку успеавме во споредба со потрошените средства за промоции е друга приказна во друга прилика. Дали не требаше поголемо внимание кон земјите од регионов?

Најголемите инвестиции се во трговијата, класична за широка потрошувачка и трговија со електрична енергија, зошто тука се насочуваат бизнис интересите на Грција?

Факт е дека во првите години по стабилизацијата во Регионов и особено по Времената согласност, Грција веќе го делеше второто и третото место во поглед на размената на Р. Македонија со странски земји. Новите прописи во областа на финансиското работење, инвестициите, слободните царински зони, го привлекоа вниманието на поголемите грчки компании и не само нивното, дојдоа и помали компании во различни области, каде што го најдоа својот интерес. Поврзувањето на Р. Македонија со Грција пред неколку години во областа на преносот на електична енергија, доведе до интерес за добар бизнис во оваа област, каде што во текот на различни периоди секоја земја има посебен интерес за повеќе електрична енергија.

Во изминатиот период започна и дијалогот меѓу двете бизнис заедници, се упатија директни пораки дека грчкото претприемништво има можност да игра водечка улога во економскиот развој на Македонија поради позитивниот амбиент, што го создаде политиката. Колку ќе се прифатат овие пораки од бизнис заедницата, ќе може ли да се ослободи целосно од товарот на минатото?

Природно, постојано се навраќаме на познатите прашања за делувањето на дневната политика, на историјата, историските наследства, на кои објективно, заради околностите (заеднички освојувачи, империи, ропства и сл.), сите имаат еднакви права на разни настани, личности. Деловните односи, добрата бизнис клима, доведува тие работи од минатото да им бидат оставени на историчарите и тие кои се занимаваат со таа материја или со разни историски наследства, истражувања, а деловните луѓе да си го најдат својот интерес од кој сите ќе имаат свој профит, своја заработувачка и можност за опстојување во глобалната економија. Новите најави после потпишувањето на Преспанскиот договор ветија нова клима и таа мора да се негува дека алтернативата е позната- доаѓа до стагнација и уназадување, а тоа не е добро за ниту една земја.

Вие бевте дел од политиката, но таа е во тесна врска со бизнисот, веројатно имате релации и познавања за грчкиот бизнис свет, како би го опишале?

Во мојата четири децениска дипломатска и професионална кариера не бев дел од ниту една политика или политичка партија. Тоа ми помогна да настапувам професионално и да не се потпирам на новосоздадени бизнис (партиски групи). Со сите и од двете земји соработував во прилог на развивање на бизнисот. Во Грција поминав повеќе од 15 години, од кои 5 како конзул во Солун (1979-1984), кога сепак скромно се одвиваше размената и другите трговски односи, пред се во рамките на тогашната СФРЈ . Секако, главна улога одиграа фирмите во тоа време од СР Македонија „ФЕРШПЕД“ и „МАКОШПЕД“, „МАКПЕТРОЛ“ и секако фактот дека преставништвото на Стопанската комора беше секогаш под раководство на личност од нашата република. Ова беше мошне важно затоа што многу голем процент од стоките кои одеа за СФРЈ и обратно минуваа низ големото пристаниште во Солун, особено нафтата. Подоцна, со изградба на нафтоводот дојде до уште посилно поврзување во оваа сфера, во која заради лични интереси на поедници (политичари), нашата држава имаше и се уште трпи одредени штети заради несоодветно срочените договори. Но, во бизнисот посилниот ги диктира условите-нешто многу познато и јасно. Имав многу добри релации во Грција, но за жал малку од тоа се искористи. Некои иницијативи не беа сфатени со соодветно внимание, со исклучок на поедини компании кои се се уште присутни на тој пазар, а изостана мојата идеја да се организираме и да купиме дел или да инвестираме во некои од Солунските инсталации, магацини, производства и сл. Сега таму влегоа руски компании, а во пристаништето Пиреа, пак, кинески компании.

Што треба да знае еден наш стопанственик, за да постигне успех во партнерствата со грчките бизнисмени?

Настапот на странски пазар е наука. Стопанственикот мора да го запознае и да го знае до детали пазарот, фискалната политика, законите и др., прописи кои се поврзани со неговиот бизнис. Добар одговор на ова прашање е само податокот дека после подобрувањето на политичката клима (со Времената согласност), во стопанските комори на Атина и Солун, беа определени раководители на групации. Групацијата надлежна за нас беше наречена според привремното име од Резолуцијата на ОН бр.817/93. Луѓето од грчките комори се погрижија во најкус можен рок од македонски на грчки да бидат преведени сите најважни закони и прописи од областа на бизнисот, фискалната политика и др. кои беа донесени кај нас. Ова им овозможуваше на заинтересираните за бизнис со Македонија, значи на нивните членови на Коморите, веднаш на сопствениот јазик да се информираат за бизнис амбиентот кај нас. Тоа ние го немавме направено ниту, пак, денес го имаме.

Што може да се научи од грчкиот бизнисмен, и од нивното стопанство, генерално, што може да биде корисно за нашите стопанственици?

Без оглед на досегашните искуства, сознанија и информации може да се каже дека нашите бизнисмени бргу учат за тоа што е најкорисно за развивање на деловните врски. Во оваа област помогна и фактот што бројна млада популација ги заврши студиите во Грција, пред сè во Солун, кои се денес добра врска која не поврзува. Јазикот, менталитетот и пред се едукацијата го чини своето. Близината и пријателската клима само ја дополнува позитивната слика.

Постојат ли перспективи за македонски инвестиции во Грција и во кој дел може да се постигне поголем извоз на македонски производи?

Во време на моето службување во Атина успеав во многу наврати да организирам средби на стопанствениците, средби на кои наши деловни луѓе се обучуваа (тоа беше направено со поддршка на ЕУ фондови кои има за цел да направат поволна деловна клима и комуникација меѓу двете земји). Многумина направија одлични обиди за акомодирање и настап на грчкиот пазар. Мора да се признае фактот дека некои имаа и непријатни искуства, не само од лошо одбрани партнери, но и од некаков негативен прием и неусужливост на одредени служби. Но, ова го спомнувам во период кога започнуваше „топењето на мразот“. Верувам дека новата клима тоа ќе го овозможи како непречена можност за проширување на деловните врски, настап, отворање на капацитети и сл. Бизнисот бара стручни луѓе, аналитика, точни и навремени информации во спротивно загубата е јасна.

Името е горливото прашање, кое влијае на односите меѓу двете држави, што очекувате во наредниот период, што ќе се случува на економски план во ваков релаксиран амбиент, со решавање на прашањето и околу трговските марки. Какви бизнис амбиции може да покаже Грција?

Името навистина беше горливо прашање, бидејќи предизвика и одредени последици кои и за двете страни (можеби со право ние сметаме дека се поголеми за нас), кога ќе мора да се преуредуваат одредени делови од историјата, наследството и сл. Сè е тоа релативна работа, според мое мислење, треба да се гледа со историска критичност од една дистанца, со ладна глава и со многу нови сознанија да се види кој, каде, кога и што бил. Оптоварени сме со едукација од различни извори. Дел од тие извори се со сомнителни намери користени, употребени и злоупотребени, а после несоодветното образование, настапуваат политичарите, историчарите, нагласените патриоти, кои веќе заминале кон националстичките води, а тоа не води кон иднина. Затоа, со потпишаниот Преспански договор ќе имаме можност, во блиска иднина да се допрецизираат некои отворени прашања, за кои постои јасно упатство на кој начин и тоа треба да биде добар знак да се продолжи понатаму. Уште еднаш, со должно внимание кон се што е минато, ние како земја која се стреми кон евроатланските интеграции немаме друга алтернатива, таа која е на спротивната страна веќе ја видовме. Заради таа спротивна алтернатива ако воопшто беше обмислена, изгубивме најмалку две децении.

Грција преку нејзиниот премиер Алексис Ципрас најави потреба неговата земја да стане економски фактор во овој дел од Европа. Јас би додал дека Грција треба да стане стабилизационен фактор, не само кон новопризнаената Република Северна Македонија, туку и на Балканот. Од наша страна преку ставовите на македонската Влада, премиерот Заев со право ја прифати оваа идеја. Факт е дека тие се веќе добри пријатели кои отворија нова страница или нова проевропска страница за нашите односи и соработка. Бизнис амбициите Грција ги најави и ги покажа, а ние треба да ги прифатиме и возвратно да настапиме.

Имаме и можност имаме и знаење, ни треба само единственост.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде