Во однос на локалните ланци на маркети, 25 од нив имаат остварено вкупно 161 милиони евра во 2017 и 167 милиони во 2018 со раст од 3% или приближно 6 милиони евра. Поединечната анализа на нивните вкупни приходи прикажува комплетно друга состојба каде дел од нив имаат остварено значајно подобри резултати.

Интересно е тоа што влезот на интернет пазарот е многу поизразен кај локалните отколку кај националните ланци. Најголемата причина за тоа е што помалите компаниите во електронскиот пазар гледаат неискористен потенцијал и можност да се превземат дел од потрошувачите без потребата од отворање на дополнителни продажни локации и вложување на голема количина средства во залиха и опрема. Сепак, постои веројатност стратегијата да биде “мач со две острици” односно малите да го развијат електронскиот пазар, додека големите да настапат во моментот кога пазарот ќе биде интересен за освојување, финансиски и количински.

Всушност во целата комплексност и големиот број на компании во малопродажбата, се очекува локалните ланци бидат се’ повеќе изложени на “напад” од националните и превземање на нивните потрошувачи, преку агресивни ценовни политики и отворање на дополнителни нови продажни локации без разлика дали истите на краток рок се профитабилни или не. Ова дополнително ја потврдува потребата на малите ланци да го развијат електронскиот пазар со што би се “бореле” со зголемената конкуренција.

Доколку сакате да дознаете колкава е стапката на раст на компаниите за широка потрошувачка кликнете тука.

Локалните ланци надвор од главниот град (Скопски регион според проценките е 50% од вкупниот пазар во Македонија ) имаат дополнително ограничување, што растот можат да го направат со проширување во други региони, дел поради презаситеност на пазарот или пак поради неговата големина. Во Скопје пак, локалните ланци можат да превземаат од другите конкуренти, но конкуренцијата е со далеку поголем интензитет отколку во внатрешноста на државата.

Според остварениот приход помеѓу локалните ланци најголем е Скопскиот ланец “Рептил” кој во 2018-та година има остварено со 15,7 милиони евра, потоа “ЗУР Маркети” со 14,7 милиони и Кумановскиот ланец “Елида” со 13,3 милиони. “Миса Маркет” работи во Охридскиот Регион каде остварува 11,5 милиони и на 5та позиција е Дијана од Неготино со 9,8 милиони. Сепак, со исклучок на ЗУР Маркет, сите останати во апсолутен износ имаат прилично мал раст на приходите од продажба, кои во поголемиот дел се помеѓу 200к – 500к евра.

Од прикажаните 3 ланци имаат раст кој надминува 20%, додека 7 надминуваат 10% што е особено позитивно. Всушност 18 локални ланци имаат позитивен раст во 2018-та година.

Најголем раст забележува Зур Маркет со 40% кое што е и очекувано бидејќи презема дел од локациите на СП Маркет и дополнително располага со една од неколкуте електронски продавници за производи за широка потрошувачка. Доколку, ЗУР Маркет продолжи со позитивниот раст и во 2019-та, постои можност да го премине Рептил како најголем локален ланец според приход.

Втор е Солун 53 кој е позициониран во Јужна Македонија, односно регионот на Гевгелија и Дојран со раст од 26%, Ду-Бо ДД, додека во Скопје, раст имаат и Рептил со 5% и Гранап со 17%.

Вкупниот профит, кој го имаат остварено претходно прикажаните 10 локални ланци на маркети изнесува 3,36 милиони евра во 2017 и 4,13 милиони евра во 2018-та година. Како компании со највисок профит се Црвена Ружа, Миса Маркет, Дијана, ЗУР Маркет и Тобако Дисконт.

Просечната нето-профитна маржа, за разлика од националните ланци е пониска и изнесува 2.8% (наспроти 4.2% кај националните). Исто така, забележлива е и многу поголема осцилација во зависност од самиот ланец. Според претходно наведеното, “Црвена Ружа” има нето профитна маржа од 7.71% и Миса Маркет со 5.87%. Најниско од сите во претходната 2018-та година котира Рептил со 0.04%.

Со соработка со Таргет Груп, Бизнис Мрежа и Инсајдер ИД.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде