Интернационалното искуство од работата, со нови видици како функционира менаџирањето поради разбирањето на очигледните разлики во бизнис менталитетот, ја водат на новата позиција проектен менаџер на „Стартап Македонија“, со визија да придонесе за развој на стартап екосистемот и да отвори нови перспективи за развој во Македонија, преку детектирањето на она што недостига за развој. Со сознанието кое владее во современиот свет, дека желбата и храброста да се креира нешто, треба да води напред и тогаш кога има неуспех, гледајќи го како добра алатка за стекнување на непроценливо искуство, на нашите прашања одговара со мотивирачки ставови на оваа тема.

Колку сте задоволни со развојот на настаните на стартап сцената, сметате ли дека давате доволен придонес?

Стартапите со својот капацитет за иновативност се движечка сила за економскиот развој на една земја. Поради својот капацитет на подривачка иновативност и заради тоа што брзо се развиваат, стартапите се важни за динамичен и конкурентен пазар.

Во 2018 година „Стартап Македонија“ направи истражување за стартапите во земјата, кое ни донесе клучни резултати. Стартапите во Македонија не може правилно да се развиваат ако не знаеме што точно треба да измериме, која е нивната јака страна, а која е послабата и што треба да се направи за да се зајакне целата стартап заедница. Истражувањето ни покажа дека стартапите не добиваат помош онаква каква што им е најпотребна и потврди дека постои разлика помеѓу помошта што се бара и помошта која се нуди. Она што е позитивно е тоа што повеќе од половина од стартапите, кои беа опфатени во нашето истражување, имаат приход. Повеќето имаат производи за кои се трудат да најдат муштерии и она што навистина охрабрува е што стартапите во Македонија не се плашат да превземат ризик. Затоа, сметаме дека нашето истражување е добра основа за понатамошен развој, за типот на поддршката која може и треба да се понуди на целата заедница. Сега, знаеме дека доволно добро и јасно не се знаат потребите на стартапите, знаеме дека постои дупка во екосистемот. Согледувајќи ги проблемите на стартап заедницата, се решивме да го дигитализираме целиот стартап екосистем, преку креирање на дигитална платформа која ќе ги содржи сите податоци на едно место и ќе е достапно на едно место.

Во април 2019 со помош на УСАИД, ние започнавме со градењето на оваа платформа. Пред нас е еден доста возбудлив период исполнет со многу работа, ќе биде потребна доста енергија, а сигурна сум дека ќе имаме и предизвици, но јас сум убедена дека „Стартап Македонија“ ги има потребниот ентузијазам, волја и капацитет да ја реализира зацртаната цел, а тоа е дигиталната платформа.

Дигиталната платформа е транспарентен информативен базен на податоци за напредокот на екосистемот, место каде ќе има пристап до индивидуални профили од стартапи, инвеститори, ментори, постоечки акцелератори и сите организации кои се поддржувачи на стартап заедницата. Платформата содржи и календар за настани, Startup Digest календар.

Startup Digest го стартувавме неодамна. Секој којшто ќе се регистрира на Startup Digest лесно може да се информира за сите настани, обуки, менторства, активности и работилници, кои се од полза за стартапите и младите претприемачи кои имаат идеја, визија и сакаат истата да ја реализираат. Startup Digest е доста лесен за употреба и оние кои се регистрирани корисници, автоматски добиваат известување за сите настани во склоп на стартап заедницата. Друга предност на Startup Digest е опцијата за пријавување на настани и обуки, па така ако имате настан кој е корисен за стартапи, лесно и едноставно можете да го пријавите вашиот настанот на следниов линк: http://bit.ly/2J3YKeb

Во кој дел се потребни најголеми интервенции на стартап сцената?

Постои дупка во екосистемот. Засега стартапите добиваат услуги кои и не им се баш од значителна помош и полза и немаат доволно контакти од организации кои можат да им помогнат како и контакти од бизнис заедницата. Организациите кои се тука, пак да понудат помош на стартапите имаат потешкотии во комуникацијата со стартапите. Она што моментално ни недостасува е стартап екосистем, каде сите негови членки взаемно ќе си помагаат, каде организациите и донаторите ќе нудат онаква помош на стартапите каква што им е потребна, се со цел да може да се создадат повеќе успешни стартап приказни, кои пак ќе бидат катализатор за други понатамошни успешни стартапи. Затоа, „Стартап Македонија“ се реши на овој смел подвиг, да пристапи во решавањето на овој проблем и за таа цел почнавме да ја градиме дигиталната платформа која ќе го олесни пристапот до информации, ќе ја поедностави и забрза комуникацијата помеѓу сите членови на стартап заедницата, а воедно ќе го развие и целосно зајакни стартап екосистемот.

Доколку сакате да дознаете колкави приходи донел домашниот пазар во споредба со извозот на стартапите притиснете овде.

Ако се погледнат стартап компаниите, не се гледа голема инвентивност, најмногу се фокусираат во бизнис кој е традиционален, во што е причината, според Вас?

Прашањево е одлично, бидејќи чепнува во начинот на кој многумина гледаат и ги разбираат стартапот и иновативноста. Кога ќе се спомне иновативност, повеќето мислат на Тесла автомобилите, роботиката, или дроновите. Иновативноста не значи секогаш да измислите нов производ или да креирате нова софтверска апликација. Многумина кога ќе слушнат за стартап заедницата, веднаш ја поистоветуваат со IT секторот, што сметам дека е доста тесноград начин на размислување. Оваа перцепција треба да се промени, но за промена потребно е и време, а и успешни стартап приказни во секој сектор, во секоја дејност. Може да понудите веќе постоечки производ или услуга, но со значително подобрени технички карактеристики, компоненти, подобрена употреба, оперативна функција или подобрена маркетинг методологија.

Како добар пример можеме да го земеме Израел – стартап нацијата. Ако го посетите Перез центарот за мир и иновации во Тел Авив, една од клучните приказни кои можете да ги извлечете од самата посета е дека израелските иновации се зачнати од нужноста и потребата за квалитетен, безбеден и удобен живот на граѓаните во Израел. Првите иновации во земјата која географски, релјефно е во најголем процент пустинска, се направени во земјоделскиот сектор кој се смета за доста традиционален сектор.Подоцнежните или оние најновите се во дигиталното здравство и кибер безбедноста. Па така, секое патување од 1000 милји мора да започне со еден храбар чекор, и блесок на иновативност, без разлика на полето на кое се делува, без разлика дали станува збор за земјоделство или за фабричко процесирање на зеленчук, или пак за апликација за чистота/загаденост на воздух.

Дали Вие би инвестирале во некој бизнис, кој сектор ќе го изберете?

Да бидам искрена, дигиталното здравство е подгранка во која сум желна да инвестирам, доколку би можела. Не знам, ете можеби зашто имам 1 ветеринар и 3 фармацевти во мојата фамилија, па затоа и би го избрала здравството. Индиректно, знам колку многу се инвестира во здравството за да се пронајдат решенија на многу, засега, неизлечиви болести. Нема поблагороден чин од тоа да помогнете, па макар и да е помошта во форма на инвестиција, во креирањето на услуга или пак производ, кој ќе им помогне на оние кои навистина се мачат и имаат сериозни потешкотии во секојдневниот живот, зошто водат битка со некоја болест, а благодарение на тој нов производ ќе можат да имаат подобар и поздрав живот или целосно да се искорени болеста.

Што мислите за бизнисот со интернет порталите, постои ли шанса за да се заработи од него?

Дефинитивно, да. Мојот оптимизам, силен ентузијазам за ова е баш заради тоа што сум милениумец. Милениумците се генерација која процентуално сега е најзастапена на пазарот на труд, тие се благонаклонети кон дигиталниот свет, знаат како да користат дигитални алатки без разлика на нивната форма. Милениумците се единствената генерација која се развиваше и растеше во аналогниот свет, а кога стигнаа на пазарот на труд како млади таленти, светот веќе имаше претрпено една метаморфоза и стана дигитален. Тука е таа предност која ја има нашата генерација, сме го искусиле и аналогното и се уште го искусуваме дигиталното. Тоа е она што нè прави различни од претходната генерација, генерацијата Х и тотално различни од генерацијата на нашите родители “Бејби бумерите“ (Baby Boomers). Мислам дека милениумците се и процентуално најмногу, кои читаат интернет портали. Треба само да се решите која ќе биде вашата тема, поле, или пак подсектор на кој ќе пишувате и инспирирате. Мој совет е да биде нешто позитивно, охрабрувачки и поттикнувачки. Генерациите кои доаѓаат после нашата, уште повеќе се зависни од технологијата и дигитализацијата. Па така, бројот на читатели мислам дека ќе расте и нема да оди во надолна линија.

На западниот пазар, во развиените земји, малите и средните претпријатија се концентрираат на еден сектор и се специјализираат само за тој сектор, стануваат ниш (niche). До пред извесно време, работев за канадска компанија со клиент од Обединетото Кралство, Англија. Она што го видов е дека нашиот англиски клиент кој е сопственик на агенција за маркетинг на социјални мрежи, исклучиво работи со агенции за вработување и менаџери на секторот за човечки ресурси. Нема прашање или проблем којшто тој не го знае конкретно за тој сектор, особено кога станува збор за брендирање на социјални мрежи.

Мој совет е да не се расплинувате, не можете се да покриете, не можете да пишувате и за земјоделство, и за економија, и за туризам и за претприемништво, за спорт и за забава. За да станете експерт, во вистинска смисла на зборот, човек којшто знае како диши и се развива еден сектор, треба целосно да се посветите само на него, да инвестирате енергија проучувајќи го и набљудувајќи ги секојдневните проблеми, и секако да си дадете време за напредок и развиток. Ниту една успешна приказна не се случила за 24 часа. Сметам дека во Македонија трпеливоста, без разлика на природата на бизнисот, кој сакаме да го создадеме, не ни е баш наша силна карактеристика.

„Стартап Македонија“ направи прво сериозно истражување за стартап екосистемот кај нас, сметате ли дека ќе помогне да се премостат забележаните состојби и да се влијае на напредок понатаму?

Да. Зошто има успешни приказни во САД за солидни претприемачи, или пак зошто Израел е прогласена за успешна стартап нација, бидејќи, постои инфраструктура, здраво ткиво т.е. систем, кој содржи база на податоци, податоци за колку стартапи се отвораат на годишно ниво, зошто од нив некои не успеале, а оние кои успеале како го постигнале тој успех, кој бил нивниот пат до успехот.

Кога имате податоци, информации знаете каде можете и што точно да побарате, да измерите да споредите и анализирате. Без мерење не можете да направите анализа, а ако не измерите како ќе знаете дали назадувате и заостанувате, дали сте во застој, или пак се движите во нагорна линија. Истражувањето кое „Стартап Македонија“ го спроведи во 2018 беше само основа, почеток на нашиот маратон, не целна линија. Сега знаеме кои се проблемите, благодарение на истражувањето постоечките проблеми сега се видливи, знаеме каде е дупката во системот и можеме да преземеме конкретни чекори. Во нашиов случај, чекорот е креирање на дигитална платформа, која ќе содржи податоци од целиот стартап екосистем и ќе е дизајнирана за потребите на сите членки на екосистемот.

Сметате ли дека банките сакаат да финансираат стартапи доколку има добар проект или имаат добро покритие да се заштитат од ризиците, сметајќи дека проектите најчесто не се издржани и затоа не доверуваат финансии?

Сметам дека треба да се има повеќе благонаклонета средина и атмосфера од страна на банкарскиот сектор кон добри проекти, проекти кои секако ќе се издржани со идеја и методологија за имплементација на истата и ќе се доволно вредни и корисни за да се инвестираат големи суми во истите. За да можат стартапите навистина да се развиваат, треба да се обезбеди стимулативна средина преку обезбедување на здрави финансиски фондови, но исто така и поддршка низ сите нивоа на развој на младиот бизнис.

Сегашните постоечки инвеститори во нашиот регион од искуство имаат научено и споделено со нас дека инвестирањето преку инвестициски фондови е достапно, но изведбата е пресудна за успехот или неуспехот на еден стартап.

Во Вашите активности сте амбициозни, „Стартап Македонија“ ја објави брошурата „Launch in Macedonia“, чија цел е да ги охрабри интернационалните претприемачи да отворат свој стартап и да се запознаат со македонската заедница. Верувате ли дека ќе успеете да привлечете интернационални претприемачи?

Повторно, да. Брошурата е доста едноставна мапа со сите потребни чекори кои треба да ги направите за да можете да основате стартап, тука во нашата држава. Со помош на оваа брошура ако доаѓате од друга земја, а сакате да отворите свој стартап, веднаш ќе знаете кои точно документи ви се потребни за да отворите компанија тука, со кој треба да стапите во контакт, и кои документи треба да ги имате и поднесете за да се здобиете со работна дозвола, колку долго трае процедурата за добивање на работна дозвола и други правни процедури кои треба да се запазат.

Причината за оптимизмот којшто го имаме за оваа работа е што веќе е забележан интерес од претприемачи кои не се граѓани на нашата земја, некои од нив и директно не контактираат, сакаат да основаат компанија тука во нашата земја и тој број на заинтересирани расте,откако ја изработивме и објавивме брошурата.

На кое поле ќе работите во иднина, што може да се направи уште за да се поттикнат младите да размислуваат претприемачки, со цел да го искористи државата нивниот потенцијал, во насока на економски развој?

Знам дека генерациите после мене во средно, па дури и основно образование како задолжителен предмет го имаат претприемништво. Што е добар и солиден почеток. Убаво е да се поттикне претприемачкиот дух од што помала возраст. Никогаш не е премногу рано да се поттикне еден млад ум да размислува иновативно, да му се даде слобода и да се охрабри да создаде и креира нешто ново. Но, за да се реализира една идеја, од замисла во реален производ потребни се повеќе комплексни чекори, кои треба да се преземат на државно ниво. Не знаете колку пати сум слушнала од средношколци нивна претприемачка идеја која им е зададена како краен проект во гимназиско средно образование, а е солидно решение за некој проблем кој постои во нивниот град/општина, но велат дека недостига процедура од правен апсект за истата сами да ја реализираат.

„Стартап Македонија“ смета дека со зедничка соработка со сите членови од стартап заедницата и тесна соработка со Министерството за економија, ќе овозможи на бизнис ангелите да инвестираат преку конвертибилни заеми, како и да се воведат други правни решенија, кои ќе го олеснат и помогнат развитокот на стартапите.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде