Конкуренцијата на сите онлајн медиуми станува голема, а оние кои ќе успеат да привлечат поголем број читатели ќе можат да добијат и многу поголем дел од рекламната индустрија.

Отстапување на рекламен простор и изработка на реклама се главните услуги што ги даваат интернет порталите. Од продадените услуги зависи и економската одржливост на дигиталните медиуми. Жестоката конкуренција која се создава секојдневно во овој вид медиум, не ги остава во комотна позиција основачите и сопствениците, бидејќи треба да се борат и во сопствените редови, но и со останатите силни медиумски конкуренти. Доколку се следат состојбите во оваа област, се отвора прашањето, што ги продава порталите, односно нивниот рекламен простор, дали содржината влијае на изборот на закупувачите или цената на рекламниот закуп. Воедно, од што зависи заработувачката на порталите како интернет медиуми, кои се и опција за рекламирање на компаниите, што значи треба да го привлечат нивното внимание. Доколку се погледнат порталите, ќе се забележи шареноликост во содржината, пристапот во објавување, и сл., што наметнува дилема како постигнуваат видливост и колку се води грижа за квалитетната содржина во онлајн медиумскиот простор. Во „Анализа на интернет порталите и информативните сајтови“, правена од страна на УСАИД и Центарот за развој на медуми, пред неколку години, се забележува дека сајтовите главно се потпираат врз пренесување на вести од други извори и претежно се редистрибутори на информациите. Жанровски гледано доминираат дневните вести подредени по тематски категории и кои опфаќаат широк спектар на области, се вели во истражувањето. Анализираните информативни портали потврдуваат дека се хибридни медиумски форми, со преземени елементи и форми од печатените и електронските платформи, и кои поголемиот дел од содржините ги дифузираат по пат на репродукција на веќе произведени информации. Делот од содржините кои тие ги произведуваат главно се дневни актуелности, едиторијали и колумни на новинари или пак аналитички текстови или коментари на надворешни соработници, покажува анализата. Онлајн сајтовите стануваат лидери на „брзото информирање“ и инстант практиката во конзумирањето информации во текот на денот.

Таквиот приод е предизвикан, пред се, од трката по што повеќе „импресии“ кои се општоприфатени. Од друга страна, тоа придонесува за неможноста за специјализација и потесен тематски приод на уредувачката политика. Борбата за повеќе содржина придонесува за исклучиво малку интерактивна и мултимедијална содржина.

Според истражувањата, денес се води битка на медиумите кој ќе привлече повеќе публика на интернет, во иднина ќе се води вистинска војна, не само за добивање повеќе посетители, туку и за поголема заработка.

Доколку сакате да дознаете колку тежи бизнисот со интернет порталите кликнете овде.

Важно е што може да ги привлече читателите на порталите, каков е квалитетот на содржините и колку тоа ќе значи читаност, видливост или импресии кои ќе влијаат на атрактивноста за закупувачите. Сепак, на македонскиот онлајн простор во медиумите, цените за отстапениот закуп се пресудни за закупувачите, во споредба со влијанието кое го имаат содржините на медиумите.

Кога се анализираат порталите во делот на маркетинг, се забележува дека кај некои од нив транспарентно се објавени ценовниците и има комплетна информација за потенцијалниот закупувач на простор, додека кај дел од нив нема содржина, оставени се само контакт податоци и се оди по други модели на закупување со агенции или директно давање понуда со цени, адаптирани според клиентот. За подобрување на состојбите во дигиталните медиуми, неопходни се стандарди за работење, а иднината треба да се гледа во новите трендови кои треба да ги имплементираат.

Ако се погледнат ценовниците кои се објавени, цените се пресметуваат според повеќе параметри, карактеристични за овој тип медиуми. Порталите нудат и мобилно огласување и со тоа ги следат потребите на клиентите.Во споменатото истражување се наведува дека годишните договори за маркетинг изнесувале околу е 7-8.000 евра.

Онлајн огласувачкиот пазар расте, а интернет порталите важат за евтини во однос на закупот на другите традиционални медиуми. Новите медиуми наметнаа потреба за печатените медиуми, радијата, телевизиите да го прошират својот канал и да се преориентираат на интернет. Популарноста на интернетот ги принуди и традиционалните медиуми (ТВ, радио и весниците) преку своите интернет изданија, да се обидат да ја одржат доминацијата во информирањето. Оттука и конкуренцијата на сите онлајн медиуми станува голема, а оние кои ќе успеат да привлечат поголем број читатели ќе можат да добијат и многу поголем дел од рекламната индустрија.

Во насока на унапредување на стандардите во работењето на порталите, во делот на дигиталното огласување, направен е чекор напред, преку донесување на стандарди за форматите за дигиталното огласување.Овој документ е развиен од „ИАБ Македонија“ . Овие насоки се сеопфатни препораки за рекламирање на различни дигитални формати вклучувајќи веб-сајтови, мобилни апликации, социјални медиуми итн.

Од расположливите податоци во истражувањето на оваа тема, може да се заклучи дека одлуките за распределба на рекламниот буџет се различни, но главно се носени од самите огласувачи, а поретко од агенциите.

Она што се очекува во иднина, за да се овозможи поголем развој на дигиталните медиуми е регулирањето на пазарот, поголема транспарентност, професионалност во работењето, воведување стандарди .Во таа насока, чекор напред е воведување на етичкиот кодекс на „ИАБ Македонија“, како и изборот на компанија која ќе врши следливост и мерење на дигиталните медиуми за да има увид во состојбите.Во Македонија нема регулација или сеопфатно следење на интернет сообраќајот на медиумите, што им остава комфорна зона на порталите од секој аспект на своето работење.Овие активности, доколку се спроведат ќе се овозможи поголем развој на онлајн медиумите, а со тоа тие ќе имаат шанса да добијат поголем дел од пазарниот удел во онлајн огласувањето.

Во соработка со Таргет Груп, Бизнис Мрежа.

Новинар, Марија Георгиевска.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде