Бизнисот со техничките прегледи во 2018 година резултирал со вкупна добивка од 173,2 милиони денари, односно надминал 2,8 милиони евра. Позитивно работеле 43 друштва за технички преглед, додека 3 ја завршиле годината со минус на сметката. Споредено со претходната година профитабилноста била влошена за 17,21 % затоа што во 2017 година вкупната добивка надминала 3,4 милиони евра.

Според податоците на „Таргет груп“ ДОО, најголем дел од колачот завршил кај друштвото „Пауер спорт систем“ од Скопје коешто прикажало добивка од 49,9 милиони денари, што е намалување во однос на претходната година за половина. Сепак, во однос на вкупната добивка во бизнисот со технички прегледи ова друштво инкасирало 28,85 % од заработувачката во оваа година. Второ на оваа ранг-листа е битолското Здружение на возачи „Еуротест“ со добивка од 17,7 милиони денари, а на трето место е охридскиот Центар за возила со 11,5 милиони денари. Зад нив е Здружението на возачи – Станица за технички преглед од Кичево со 11,1 милиони денари, а на петто место е прилепски „Автоконтрол“ со добивка од 9,1 милиони.

Извор: „Таргет груп“ ДОО

Шестото место го зазема скопското „Стоп аутоконтрол“ со 8,23 милиони денари, а зад нив е „Топ аутофер“ од Куманово со добивка од 8,18 милиони. Битолското АМД-ЃН е на осмо место со добивка од 7,96 милиони, на деветтото е АМД – Технички преглед од Охрид со 7,51 милиони, а на десеттото „Автосигурност“ од Струмица со добивка од 5,03 милиони денари. Добивката на преостанатите друштва за технички преглед е далеку помала во однос на овие 10 компании.

Ако се анализира растот на добивката во оваа финансиска година ќе се види дека најголем скок на заработувачката имало друштвото „Автовозач-фер“ од Делчево со неверојатни 5218 %. Во 2018 година оваа компанија го зголемила вкупниот приход за скромни 11 %, а добивката процентуално била далеку повисока. Слични се податоците и за второрангираното друштво „Зѓими компани“ од с. Порој, Тетовско, коешто ги зголемило вкупните приходи за симболични 3 %, а добивката дури за 262 %. Слични се показателите и за треторангираното „Кораб аутоконтрол“ од Скопје што имало раст на приходите за 24 %, но и раст на добивката од 177 %.

Треба да се напомене дека дури 22 трговски друштва за технички преглед имале намалување на добивката во 2018 година, што значи дека практично целата дејност се соочила со сериозни предизвици во овој временски период.

Доколку добивката се спореди со бројот на вработени, се добиваат сосема поинакви показатели.

На врвот на листата е Здружението на возачи од Кичево со 1,379 милиони добивка по вработен. На второ место е „Еуротест“ од Битола со 1,185 милиони, а на трета позиција Центарот за возила од Охрид со 1,048 милиони денари добивка по вработен. Работеле со променлив успех: прво и второрангираните друштва го подобриле овој показател во однос на претходната година, додека треторангираното ја влошила добивката по вработен. Сериозен пад имало и „Пауер спорт систем“ – Скопје, најголемото друштво за технички преглед во земјава. Добивката по вработен ја намалило во 2018 година дури за 58,71 %, иако бројот на извршители бил зголемен за една петтина, односно за 20,68 %.

Новинар, Свето Николовски

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде