Инфлацијата како состојба се вбројува во една од најсложените и најкомплексните појави во економијата. Сепак, таа постои во сите економии и врз основа на предвидувањата и очекувањата за нејзиното движење инфлацијата е и вкалкулирана во идното работење на сите економски субјекти.

Но, зошто тогаш луѓето се плашат од инфлацијата? Што претставува таа, воопшто, и кои се причините за нејзиното појавување? Зошто инфлацијата е комплексна појава во економијата?

Инфлацијата која е во умерени размери, кога таа е едноцифрена и се карактеризира со благ пораст на цената на производите и услугите, вообичаено не предизвикува некои посериозни негативни ефекти врз економијата, бидејќи најчесто е очекувана и предвидена. Цените се релативно стабилни, исто како и националната парична единица во земјата. Меѓутоа, она што загрижува и ги плаши луѓето се галопирачката инфлација и хиперинфлацијата, кога парите вртоглаво ја губат својата вредност. Ваквите видови инфлација создаваат сериозни потешкотии за функционирањето на компаниите и предизвикуваат непроценливи штети за економијата воопшто.

Инфлацијата е состојба кога во економијата паричните фондови се поголеми од стоковите фондови што резултира со пораст на општото ниво на цените и намалување на вредноста на парите.

Најчесто инфлацијата се мери земајќи го предвид индексот на трошоците на живот – цени на добра и услуги кои влегуваат во потрошувачката кошничка на едно семејство.

Бидејќи инфлацијата е сложена појава, причините за нејзиното појавување се многубројни и може да се бараат како на страната на побарувачката, така и на страната на понудата. Но, исто така, инфлацијата може да се создаде и со мерките на монетарната и фискалната политика на државата.

Инфлацијата е тесно поврзана со невработеноста и растот на бруто домашниот производ (економскиот раст) и сите три појави заедно претставуваат главни проблеми на макроекономските анализи. Дејствувањето на овие три главни проблеми заедно ја претставуваат состојбата во економијата наречена стагфлација.

Стагфлацијата во економијата е состојба кога растечките стапки на инфлацијата се придружени со стагнација или намалување на економскиот раст и високи стапки на невработеност.

Стагфлацијата е релативно нов феномен и исто како и инфлацијата е резултат на дејствување на повеќе фактори во економијата. Иако условени од многубројни фактори, сепак појавите на висока инфлација и стагфлација се негативни состојби во економијата врз кои значајно може да влијае државата преку успешно управување со нејзините расположливи инструменти со цел регулирање на економската состојба.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде