Странските директни инвестиции (СДИ) се долгорочни инвестиции со кои се воспоставува влијание и контрола од еден странски субјект (правно или физичко лице) врз еден домашен правен субјект, при што странскиот субјект поседува најмалку 10 % од вредноста на претпријатието.

Инвестирањата на странските субјекти во друга земја, различна од нивната матична земја, најчесто се во форма на вложувања на капитал (гринфилд инвестиции) и инвестирање во веќе постоечки компании од друга национална економија или во сопствени филијали кои странскиот субјект ги има во земјата во која инвестира.

Придобивки од странските директни инвестиции

Ефектите од странските директни инвестиции се особено значајни за целокупната економија. Странските директни инвестиции претставуваат дел од современата економска глобализација.

Придобивките од странските директни инвестиции се многубројни и опфаќаат промена на економските процеси и зголемување на економската ефикасност. Така, кога се зборува за придобивки од странските директни инвестиции најчесто акцент се става на воведување нови технологии, нов и подобрен менаџмент и маркетинг-пристап, нови начини и форми на организација на работата, мотивирање на работната сила за зголемување на квалификациите и вештините за работа.

Мотиви за влез на странски директни инвестиции

Мотивите за влез на странските директни инвестиции се поврзани со придобивките од нив. Освен мотивите како што се зголемување на вработеноста, трансфер на знаење и технологии, еднакво значајни мотиви се и тоа дека тие се инвестиции со кои не се предизвикува задолжување на земјата во која се инвестира.

Странските директни инвестиции во различни земји опфаќаат и до 20 % од бруто домашниот производ. Сепак, странските директни инвестиции треба да се гледаат како дополнување на работењето на националната економија, а не како решение кое би ги елиминирало нејзините развојни проблеми.

©Analitika.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Ве молиме внесете го вашиот коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде